Renault, Nissan и Mitsubishi ја претставија својата нова глобална стратегија – каде ефикасноста го има главниот збор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Renault, Nissan и Mitsubishi ја претставија својата нова глобална стратегија – каде ефикасноста го има главниот збор!

Трите производители вчера ја претставија своја нова стратегија – која е фокусирана на интензивирана соработка со цел да се намалат трошоците и да се зголеми конкурентноста на нивната алијанса.

Jean-Dominique Senard, претседателот на Renault Nissan Mitsubishi алијансата изјави дека „новиот бизнис модел ќе ѝ овозможи на алијансата да ги истакне најдобрите страни на секоја компанија, а во исто време да продолжи да гради врз нивните култури и наследства“. Алијансата ќе биде зајакната, но сепак нема да резултира со директно спојување на трите производители во една, заедничка компанија. Според планот, до 2025, бројката на модели кои се нудат меѓу сите три брендови би требало да се намали за околу 20% – а во моментот Renault, Nissan и Mitsubishi нудат вкупно околу 80 различни модели.

Но што всушнот значи тоа? Според новиот план, соработката меѓу трите производители дополнително ќе се интензивира, а секој бренд ќе биде задолжен за одреден светски регион. Дополнително, „сестрински“ модели ќе се произведуваат на истиот погон, со цел да се подобри ефикасноста. Трите производители не само што ќе користат исти платформи, туку ќе користат и исти каросериски елементи – повторно, со цел да се намалат трошоците и да се подобри ефикасноста.

Секој бренд ќе стане своевиден „лидер“ на некој одреден регион. Очекувано, Renault ќе го преземе водството во Европа, Русија, Јужна Америка и Северна Африка, а ќе има и главен збор во развојот на следната генерација мали SUV модели. Nissan ќе ја преземе главната улога во Јапонија, Северна Америка и Кина и ќе ги развие следните суб-компактни SUV модели. Mitsubishi ќе биде лидер на алијансата во Југоисточна Азија и Океанија (Австралија, Полинезија, Нов Зеланд, итн..).

Дополнително, Nissan ја презема иницијативата за развој на системи за автономно возење, како и за развој на новата CMF-EV ePT платформа за електрични возила. Renault ја презема одговорноста за развој на Android-базирана плаформа за поврзаност на автомобилите, како и архитектурата за следната генерација на мали електрични возила на алијансата, а Mitsubishi ќе ги развие идните плаг-ин хибридни технологии за компактните модели, но и поголемите модели на алијансата. Секако, дел од алијанста е и луксузниот бренд Infiniti (кој е под капата на Nissan), како и буџет-ориентираниот бренд Dacia, кој ги постави правилата за ваквите брендови и ужива вистински успех.

Поврзано:   Renault Scenic E-Tech Electric е Европски Автомобил на Годината за 2024!

Сега за сега нема никакви планови околу реструктурирање на мрежата на дилери, ниту пак никакви информации околу евентуално елиминирање на конкретни модели од понудата на производителите. Но и покрај тоа, кажуваат дека интензивирањето на соработката ќе резултира со намалување на трошоците за околу 2.2 милијарди Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.