full screen background image
Search

MINI подготви освежување за MINI Countryman

Визуелните измени не се драстични – но значително повеќе освежување има „под кожата“ на британскиот тренди SUV.

Освежениот MINI Countryman добива редизајнирани браници, редизајнирана маска на ладилникот, нови LED светла, нови дизајни за тркалата, како и задни светла со дизајн на британското знаме (кои според нас изгледаат фантастично). Дел од освежувањето е и нова палета на бои, кои вклучуваат White Silver Metallic и Sage Green Metallic, а интересен додаток е и Piano Black пакетот за екстериерот, кој ги заменува хромираните детали со детали во сјајна црна боја – околу предните светла, на маската на ладилникот и на рачките на вратите.

Кабината добива нов, спортски управувач, како и нов дигитален пален со инструменти. Нов е и инфозабавниот уред, кој сега користи дисплеј со дијагонала од 8.8 инчи и има поддршка за Amazon Alexa. Има и нови бои за материјалите во кабината – кои се викаат Chesterfield Malt Brown и Chesterfield Indigo Blue. Ние би ја избрале кафената боја.

Исто така, технолошко освежување добиваат и моторите. Бензинците добиваат филтри за ситни честички, со што стануваат уште почисти, а бензинците со четири цилиндри добиваат интересно решение каде издувната грана е интегрирана во главата на моторот, а со тоа се подобрува ладењето на издувните гасови и турбополначот.

Верувале или не, новиот Countryman може да се добие во повеќе од десет различни комбинации на мотори и погони – можете да одберете турбо-бензинец или турбодизел, со погон на предните или на сите четири тркала.

Понудата започнува со MINI One Countryman со 102 коњски сили. Над него е Cooper Countryman има 136 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 9.3 секунди. Скалило погоре е Cooper S Countryman со 192 коњски сили кој може да забрза до 100 километри на час за 7.2 секунди, а на самиот врв на понудата е JCW Countryman со 305 коњски сили кој катапултира „до стотка“ за само 4.9 секунди.

Доколку сакате турбодизел, понудата започнува со MINI One D Countryman со 116 коњски сили, па потоа доаѓа Cooper D Countryman со 150 коњски сили и на самиот врв е Cooper SD Countryman со 190 коњски сили.

Исто така, во понудата останува и одличниот, плаг-ин хибриден Cooper SE Countryman ALL4 (кој ние го возевме минатата година, прочитајте го нашиот тест тука), кој комбинира 3-цилиндерски турбо-бензинец (задолжен за предните тркала) со електомотор (задолжен за задните тркала). Системската моќност е 227 коњски сили, „стотка“ пристигнува за 6.5 секунди а максималната брзина е 196 километри на час.

Во зависност од одбраниот мотор и погон, ќе можете да одберете меѓу 8-брзински Steptronic, 6-брзински Steptronic или 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.