Големиот Toyota Highlander следната година доаѓа во Европа – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Големиот Toyota Highlander следната година доаѓа во Европа

Toyota најави дека од следната година, својот најголем SUV – Highlander – ќе го продава и во Европа.

Highlander е најголемиот SUV кој Toyota го нуди, а во Европа ќе се продава исклучиво со 2.5-литарски хибриден погон кој испорачува 244 коњски сили. Според Toyota (и официјалните WLTP мерења), Highlander со овој погон троши само 6.6 литри на 100 изминати километри. Стандардно ќе доаѓа со хибридниот погон, како и AWD-i интелигентен погон на сите четири тркала.

Големиот Highlander веќе се продава на неколку пазари – во Северна Америка, Австралија, Русија и уште неколку земји. Во Европа ќе стигне на почетокот на следната година.

Инаку, Highlander е навистина голем – долг е скоро пет метри, стандардно доаѓа со седум седишта, а и покрај нив нуди импресивен багажен простор од 658 литри. Спуштете го средниот и задниот ред седишта и на располагање ќе имате скоро неверојатни 1909 литри.

Секако, Highlander добива и многу технологии – па купувачите ќе добијат 12.3-инчен мултимедијален уред со навигација, Apple CarPlay и Android Auto, безжично полнење на мобилен телефон, вентилација на седиштата и многу, многу повеќе. Дополнително, Highlander овозможува неколку различни режими на возење, во зависност од ситуацијата – Eco, Normal, Sport и Trail, а може да вози и како целосно електрично возило.

Останува да почекаме до следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.