Со LC Convertible, Lexus му одговори на предизвикот да го направи најубавиот кабриолет на светот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Со LC Convertible, Lexus му одговори на предизвикот да го направи најубавиот кабриолет на светот

Lexus самиот си постави предизвик и на дизајнерскиот тим на LC Convertible му даде не толку едноставна мисија – да го направат најубавиот „отворен“ автомобил на светот.

Реченицата е едноставна, но предизвикот не е – луѓето од Lexus сакале кабриолетот да ги задржи линиите и дизајнерските елементи од купето, кое веќе има освоено мал милион дизајнерски награди – и кое ние веќе го возевме.

Најголемиот предизвик бил во дизајнирањето на кровната линија. Главниот дизајнер, Tadao Mori објаснува – „Иако има многу кабриолети, многу малку од нив се навистина привлечни и елегантни, без разлика на тоа дали кровот е отворен или не. Особено кога кровот е подигнат, рабовите имаат прекршен лик кој ја нарушува рафинираноста.  Затоа кога го дизајниравме LC Convertible, направивме сè што можевме за да ја има истата кровна линија како и купето.“

И навистина – дизајнерите на Lexus успеале во тоа. Кровната линија е поместена наназад, а особено внимание е посветено на затегнувањето на мекиот кров за да се добие рамна и мазна површина. Дополнително, делот кој го сокрива кровот кога тој е отворен, е дизајниран така да ги истакне динамичните линии на автомобилот, а на самиот раб на поклопецот на багажникот има дискретен спојлер кој не дозволува задниот дел да изледа предолг.

Уште еден предизвик е да не се дозволи задниот дел да изгледа преголем кога кровот е отворен – а тоа е постигнато со многу внимателно дизајнирање и проектирање на механизмот за кровот. Кровот се собира во повеќе делови од вообичаено, а тоа дозволува да е потребно навистина малку простор тој да се „спакува“ – па затоа линиите се останати чисти и ниски.

Кој рекол дека правење кабриолет е лесно?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.