full screen background image
Search

Возевме: Lexus LC500h – Голем, луксузен, јапонски GT!

Имавме несекојдневна можност да поминеме неколку часа со супер-луксузниот Lexus LC500h и барем накратко да го искусиме јапонскиот пристап кон GT автомобилите!


„Ова е дефинитивно различно“ – си помислив додека ја отворав вратата на големото и ниско купе. Се спуштив во возачкото седиште и ги искористив тие првите неколку моменти вистински да го апсорбирам јапонскиот карактер на несекојдневниот Lexus LC500h…

LC500 не е автомобил за оние кои сакаат да бидат незабележани

Несекојдневен? Во најмала рака. Ајде прво да зборуваме за дизајнот – LC500h е толку различен и уникатен, што слободно можеме да кажеме дека е од друга планета. Да, дизајнерскиот јазик на Lexus не е по сечиј вкус, но во нашите очи секогаш бил интересен, а интерпретацијата на LC500h е меѓу најмоќните изведби. Многуте остри линии кои се преплетуваат, ниската и широка силуета и навидум-безбројните мали детали го прават LC500h не само несекојдневен – туку и доминантен. Доминантен, бидејќи едноставно не сме навикнати на вакви форми на нашите улици – ова не е автомобил за дискретните и интровертните. Ова дефинитивно не е автомобил кој ќе се претопи во стотиците други на паркингот – ова е автомобил кој ќе го забележите од далеку, и нема да можете да го оттргнете погледот од него.

Ајде да зборуваме за детали – но каде да почнам? Секако, на предниот дел доминираат големата маска на ладилникот и несекојдневно изведените светлосни групи – кои на LC500h му даваат агресивен, предаторски лик.  Големите отвори за воздух дополнително го прошируваат автомобилот, а целиот став е низок, атлетски. Страничната линија ја дефинира растечката контура на вратите, а на задниот дел примарниот фокус е кон задните светла и завршетоците од издувниот систем. Се обидувам да го споредам LC500h со некој друг автомобил – но едноставно, не можам – толку е храбар неговиот изглед.

Поврзано:   Првото електрично возило на Lexus е UX300e

Истото тоа чувство за јапонски пристап кон нештата продолжува и во ентериерот. Да, тука се сите оние работи кои ги очекуваме од Lexus – врвни материјали и беспрекорна завршна обработка, но работите во LC500h се „навиени до 11“ – мајсторите на јапонскиот луксузен бренд  се меѓу најдобрите на светот, и верувајте – се гледа. Пред воопшто да го стартувам автомобилот, користам неколку моменти да „ги погалам“ сите површини и материјали околу мене – и сè е едноставно беспрекорно. Всушност, зборот „беспрекорно“ може повторно и повторно да се користи кога се зборува за Lexus.

Но Lexus оди чекор понатаму со LC, и нуди скулптуриран дизајн и во ентериерот – од „извајаните“ седишта, па до високата централна конзола и комбинацијата од вертикални и хоризонтални површини – пристапот тука не е минимализам, туку кулминација на јапонскиот дизајн и „мајсторлук“. Секој, внимателно избран детал е направен да биде таков каков што е за да го истакне чувството на различност, но на добар начин. Јапонскиот пристап кон нештата не ни е непознат, но сепак, ова е нешто сосем друго..

Хибриден погон, два менувачи?

Во ред. Го стартувам LC500h и… Не се случува ништо. Нема звук, нема никакви вибрации – едноставно, мала светилка ми кажува дека автомобилот е подготвен, и започнувам да се движам. На струја, секако – сепак ова е хибрид. Lexus LC се нуди во две изведби – LC500 со класичен (велам класичен, сакам да кажам врескачки) 5-литарски атмосферски V8 кој испорачува повеќе од 470 коњски сили, и оваа, „мојата“ изведба која користи 3.5-литарски атмосферски V6 со Аткинсонов циклус и електромотор за да испорача вкупно 355 коњски сили и скоро 500 Nm вртежен момент.

Поврзано:   Lexus LF-30 ја прикажува идната генерација на електрични возила

Моќта се пренесува кон задните тркала преку комбинација од два менувачи. Да, два менувачи – еден, конвенционален CVT каков што добиваат сите други хибриди на Lexus и уште еден, специјален автоматски менувач со четири брзини. Во соработка, двата менувачи нудат поприродно и подинамично чувство во возењето, а истовремено дополнително ја намалуваат потрошувачката. Океј, признавам дека потрошувачката во ваков автомобил не е пресудна – но професионалноста инсистира да напоменам дека во случајот на LC500h е дури неочекувано ниска – низ градскиот метеж не надминува 8 литри на 100 километри, а при подинамично возење троши околу 10 литри бензин на 100 километри. Импресивно!

Џекил и Хајд – од рафиниран крстосувач до динамичен спортски автомобил

Во ред, време е да возиме. Чувството зад воланот е како во вистинско Grand Touring купе – седиме ниско но прегледноста е сосем добра а кабината одлично нè изолира од надворешниот свет. Суспензијата во својот Comfort режим без приговор ги мазни нерамнините од нашите улици, дури и на гоооооолеми 21-инчни тркала. Сите контроли се лесни за користење и возењето е опуштено и мирно. Излегуваме на отворен пат – и тука LC ги покажува своите Grand Touring гени – лесно се постигнуваат брзини од кои застанува здивот, без притоа во кабината да стане бучно или непријатно. Всушност, скоро и да нема никаква разлика дали се движите со брзина во рамките на ограничувањата, или значително над нив. „Стотка“ се постигнува за само 5 секунди, а максималната брзина е 250 километри на час.

Се приближуваме до пат исполнет со свиоци – го префрлувам LC500h во Sport+ режим на работа и веднаш се препознава трансформацијата – управувањето станува потешко и попрецизно, суспензијата е поцврста и „моето“ купе како да се подготвува за напад. Во моменти на храброст решавам да го игнорирам дождот и LC внимателно и контролирано го исфрла задниот дел во свиоци – но сето тоа е предвидливо и очекувано – човек тука може и да се забавува! Управувањето е директно и прецизно и големото купе нема изразена наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување – а за тоа придонесува идеалната распределба на тежината во однос 50:50.

Поврзано:   Првото електрично возило на Lexus е UX300e

Магнетната привлечност на LC500h е неизбежна.

Ваквите автомобили имаат своја приказна, своја убавина. Несекојдневноста ги прави привлечни – каде и да се појави Lexus LC500h, ги привлекува погледите на сите минувачи. Магнетната привлечност е неизбежна – храбриот дизајн ја постигнал својата цел.

Дали е Lexus LC500h за секого? Секако дека не – но ваквите автомобили никогаш не се за секого. Тие се премногу поларизирачки, премногу храбри, дури и арогантни со својата уникатност – но во моите очи, тоа ги прави уште позаводливи и поинтересни. Јапонскиот пристап кон луксузот очигледно има своја приказна…

  • Мотор: 3.5-литарски атмосферски V6 + електромотор
  • Системска Моќност: 360 коњски сили / 6600 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 500 Nm / 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 250 км/час
  • Забрзување 0-100: 5 секунди
  • Должина: 4770 mm
  • Ширина: 1920 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1345 mm
  • Тежина: 1985 килограми
  • Меѓуоскино растојание: 2870 mm
  • Потрошувачка: 8 литри бензин на 100 километри (измерена, градска)


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.