full screen background image
Search

ЗЛАТНО ТРКАЛО 2020 – Ова се победниците!

Со огромна гордост ги објавуваме победниците на првото издание на Националниот Избор за Најпосакуван Автомобил – Златно Тркало!

Како што веќе најавивме, Златно Тркало е нов начин да дознаеме кои се најпосакуваните автомобили на нашиот пазар – а тоа го правевме заедно со вас, нашите читатели. CARclub и колегите – Авто+, CarsByVik и RPM.mk ви понудија материјали за сите кандидати, а вие требаше да го направите изборот. Изминативе неколку седмици ви ги презентиравме автомобилите преку тестови, преку социјалните медиуми и на заеднички дружења – и откако сите вие гласавте, со задоволство можеме да кажеме кои се победниците. Првиот избор Златно Тркало го направивме во соработка со Пнеуматик, S-Leasing и Батери Еволушн.

На официјалниот сајт на Златно Тркало пристигнаа преку 13.000 гласови од нашите читатели, а сето тоа резултираше со следните резултати:

Најпосакуван Електрифициран Автомобили – Toyota RAV4

Со освоени 55.26% од гласовите, хибридниот SUV на Toyota се наметна како доминантен избор на нашите читатели. Всушност, RAV4 ги постави основите за SUV и години подоцна продолжува и понатаму да поставува нови стандарди во однос на технологиите, дизајнот и рафинираноста.

Најпосакуван Семеен Автомобил – Hyundai Elantra

Неодамна темелно освежената Hyundai Elantra успеа да се наметне како сериозен кандидат – бидејќи нашите купувачи и читатели ги препознаа вредностите на Hyundai Elantra за семејните купувачи, и дури 69.99% од гласовите отидоа токму кај неа. Докажаните компоненти, робустноста и просторната понуда, како и привлечната ценовна позиционираност прават Elantra да е особено интересна за семејните купувачи во Македонија.

Најпосакуван Бизнис Автомобил – SEAT Tarraco

Големиот, просторен и технолошки-напреден SUV на SEAT ги освои симпатиите на 45.6% од гласачите. Широката гама на погонски единици, можноста за комбинирање на преден или погон на сите четири тркала, како и можноста за добивање пет или седум седишта го направи Tarraco интересен за гласачите. Голем, практичен и модерен, Tarraco се наметна како интересен и неочекуван избор.

Најпосакуван Градски Автомобил – Volkswagen T-Cross

Ако постои автомобил кој идеално ги отсликува урбаните трендови, тоа е токму Volkswagen T-Cross. Компактниот, модерен кросовер е супер-тренди, може да се добие со еден од неколкуте турбо-бензинци и турбодизели, како и со R-Line пакет на опрема кој дополнително ја истакнува неговата динамичност. Компактен но просторен и исклучително комфорен, со 37.43% од освоените гласови, T-Cross е најпосакуваниот градски автомобил.

Најпосакуван Автомобил во Македонија – Range Rover Evoque

Новиот Evoque ја извојува победата и го прогласуваме за најпосакуван автомобил. Модерен, достоинствен и технолошки-напреден, Range Rover Evoque ги освои гласачите со својот дизајн, но и со аристократската гордост. За него гласаа 35.79% од гласачите во неговата категорија – со што тој освои убедливо водство!

Им честитаме на победниците – и истовремено најавуваме свечено доделување на наградите, за кое ќе поделиме влезници и неколку наши среќни читатели ќе можат и самите да присуствуваат на овој настан. Секако, најавуваме уште многу активности со победниците, а на сите други учесници им честитаме и им се заблагодаруваме што беа дел од првите награди Златно Тркало, и им посакуваме повеќе среќа следната година!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.