full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche 718 Boxster и Cayman GTS 4.0 – Шест-цилиндерски спортисти со по 400 коњски сили!

Фановите нa Porsche денес имаат причина за славење – германскиот бренд ќе ги нуди спортските 718 Boxster и 718 Cayman и со шест-цилиндерски атмосферец!

Од Porsche кажуваат дека 4-литарскиот шест-цилиндерски боксер е „во блиско сродство“ со 4-литарскиот шест-цилиндерски атмосферец кој се вградува во екстремниот 718 Spyder и Cayman GT4. Сепак, во споредба со овие возила, 718 Boxster GTS 4.0 и 718 Cayman GTS 4.0 добиваат околу 20 коњски сили помалку.

Бидејќи Boxster и Cayman GTS се наменети за оние кои навистина сакаат да уживаат во возењето, овие модели ќе се нудат исклучиво со шест-брзински мануелен менувач, додека моќноста ќе ја испорачуваат кон задните тркала. Благодарение на тие 400 коњски сили и околу 420 Nm вртежен момент, 718 Boxster GTS 4.0 и 718 Cayman GTS 4.0 можат да стигнат до 100 километри на час за 4.5 секунди, додека максималната брзина е 293 километри на час.

Обете возила стандардно ќе добијат PASM активна суспензија, Sport Chrono пакет, како и Porsche Torque Vectoring со механички диференцијал со ограничено пролизгување. Ќе добијат и поголеми сопирачки (350 милиметри напред, 330 милиметри позади), а може да се добијат и карбон-композитни сопирачки. Надворешноста добива Sport Design преден браник, црни детали, 20-инчни тркала и уште неколку други ситни детали.

Кабината добива детали од карбон и Alcantara на управувачот, централната конзола, рачката од менувачот и седиштата, а можете да нарачате и Bose или Burmeister премиум аудио уред. Првите примероци ќе бидат испорачани веќе во Март.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.