Toyota ги изненади сите на CES со најавата дека ќе прави… Цел град?
CES е еден од најголемите саеми за технологии – но Toyota ги изненади сите кога најави дека во подножјето на планината Фуџи ќе направи град – односно, градот на иднината.
Градот ќе се вика Woven City (односно, плетен град) и ќе биде на површина од околу 70 хектари. Градот ќе нуди целосно поврзан екосистем кој ќе биде напојуван од водородни горивни ќелии и според Toyota ќе биде „жива лабораторија“ – односно, истражувачите кои ќе живеат и работат таму ќе можат да работат на супер-напредни проекти – авономија, роботика, лична мобилност, вештачка интелигенција, итн.
Секако, зад ваквиот проект стојат важни луѓе – главен архитект ќе биде данецот Бјарке Ингелс, кој е на чело на Bjarke Ingels Group. Оваа компанија веќе има работено на неколку хај-тек згради и екосистеми – меѓу другото, седиштето на Google како и 2 World Trade Center во Њу Јорк. Градот ќе биде екстремно еколошки – сите објекти ќе бидат изградени примарно од дрво, а сите згради ќе имаат соларни панели за да генерираат електрична енергија, покрај водородните ќелии.
Хај-тек визијата продолжува со трите различни видови на улици кои ќе бидат взаемно поврзани за да го забрзаат истражувањето во полето на автономното возење – првиот вид на улици ќе биде дизајниран за конвенционални возила, вториот за пешаци и возила за лична мобилност, додека третиот вид на улици ќе бидат наменети само за пешаци.
Во градот ќе бидат дозволени само целосно-автономни возила кои немаат никаква емисија на штетни гасови. Toyota планира да ја започне изградбата следната година, а во градот ќе живеат вработени, нивните фамилии, научници-посетители, партнери на Toyota, итн.
На самиот почеток се планира градот да има околу 2000 граѓани, но понатаму таа бројка ќе се зголемува.
Амбициозно, нели?