Новата генерација на легендарниот пикап носи значајни технолошки и дизајнерски иновации, со големо внимание кон потребите на европскиот пазар.
Новиот Hilux има моќен преден изглед со тенки светлосни групи и централен TOYOTA натпис. Квалитетот на бојата и завршната обработка се значително подобрени од претходната генерација и сега стојат на исто рамниште со новиот Land Cruiser.
Моделот ја користи платформата Multipath во која се вклучени електричната и хибридната верзија како и верзиите со традиционалните дизел и бензински мотори.
Во внатрешноста, пикапот добива два 12.3-инчни екрани, централизирана конзола со контрола за погонот на сите тркала и off-road функции, како и безжично полнење и USB приклучоци во задниот дел на кабината.
Електричната верзија доаѓа со батерија од 59.2 kWh, со автономија од приближно 240 км според WLTP стандардот, додека хибридниот систем го комбинира 2.8-литарскиот дизел мотор и електричниот мотор со батерија која е сместена под задните седишта.
Покрај електричната и хибридната верзија, за источно-европскиот пазар се достапни традиционалните мотори: 2.8-литарски турбодизел мотор со шестстепен автоматски или мануелен менувач, и 2.7-литарскиот бензиски мотор.
Во 2028 година, Toyota планира да лансира Hilux кој ќе биде напојуван од водородни ќелии, со што дополнително ќе ја поддржи визијата за чиста енергија.



















