full screen background image
Search

Првото електрично возило на Lexus е UX300e

Lexus го претстави своето прво електрично возило – а тоа е целосно-електрична изведба на новиот UX, која ќе може да помине до 400 километри со едно полнење.

Електричниот модел се вика UX 300e, а комбинира литиум-јонска батерија со капацитет од 54.3 kWh и електромотор со моќност од 204 коњски сили. Вкупната автономија (малку е нејасно зошто Lexus објавува автономија според застарените тестирања на NEDC, а не новите според WLTP) би требало да биде 400 километри – што е повеќе од доволно за еден ваков автомобил.

Дополнително, инженерите од Lexus кажуваат дека ниската поставеност на батериите под нивото на подот би требало уште повеќе да ги истакнат динамичните карактеристики на одличниот јапонски премиум кросовер.

Инаку – и ова е одлука која навистина ни се допаѓа – електричниот UX 300e не се разликува многу од конвенционалниот модел (кој ние веќе имавме можност да го возиме). Да, ќе добие уникатни тркала и неколку дискретни значки – но тоа е тоа. И тоа е во ред – бидејќи ако сакаме електричните возила да станат секојдневние, тие треба да бидат многу слични, односно исти со конвенционалните. Секако, бидејќи се работи за Lexus, можеме да очекуваме врвна завршна обработка по која јапонскиот бренд е препознатив.

Инженерите на Lexus кажуваат дека UX 300e ќе биде „брз“, но не кажуваат официјални бројки. Сепак, напоменуваат дека преку Drive Mode Select системот ќе можеме да избереме меѓу неколку различни режими на возење, а интензитетот на регенеративното сопирање ќе се контролира преку лопатки поставени на воланот. Дополнително, поработено е и на звучната изолација.

Поврзано:   Lexus LF-30 ја прикажува идната генерација на електрични возила

Конечно, ќе добиете и апликација за вашиот паметен телефон, преку која ќе можете да го следите статусот на вашиот автомобил – статусот на полнењето, состојбата на батеријата, да го контролирате клима-уредот, итн.

Продажбата во Европа ќе започне во 2020.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.