Чешкиот бренд ја претстави најновата, четврта генерација на својот најважен модел – добредојде, Octavia!
Од Škoda кажуваат дека новата Octavia е уште подобра, попросторна, поповрзина и поемотивна од било кога – и нема зошто да не веруваме на кажаното. Всушност, Octavia е самото срце на Škoda, а новиот модел е подолг и поширок од моделот кој е во заминување, има уште поголем багажен простор и е поемотивен благодарение на дизајнерскиот јазик на Škoda. Дополнително, со новата Octavia, Škoda воведува и нов дизајнерски концепт за ентериерот кој комбинира одлична просторна понуда со високо-квалитетни материјали и мал милион паметни детали.
Како што веќе напоменавме – новата Octavia е поголема. Хечбекот е 19 милиметри подолг а караванот е цели 22 милиметри подолг од досегашниот модел. Дополнително, Octavia е поширока за 15 милиметри – што пак ветува повеќе простор во кабината. Караванот може да се пофали и со поголем – сега рекордерски – багажник со капацитет од дури 640 литри, додека хечбекот има „само“ 600 литри.
Дизајнот е привлечен благодарение на острите дизајнерски детали – тенките предни светла користат LED технологија за кратките, долгите и дневните светла, додека LED технологија се користи и за задните светла. Околу целиот автомобил преовладуваат чисти лини кои ветуваат дека и по неколку години, Octavia ќе изгледа современо и ново. Предниот дел е заострен и чист, и LED светлата го задржуваат вниманието. Страничната, карактерна линија е права и храбра, а особено динамично изгледа краткиот заден дел – од Skoda дури кажуваат дека формата на Octavia безмалку купеовска. Сакате големи тркала? Нема проблем, новата Octavia ќе можете да ја добиете со алуминиумски фелни со големина до 19 инчи, а додадени се и неколку нови бои – Crystal Black, Lava Blue и Titanium Blue.
Octavia воведува и нова дизајнерска филозофија кога станува збор за ентериерот на чешкиот бренд. Најзабележлив е новиот, двокрак волан (кој може да се добие со систем за загревање) на кој се поставени многу од контролите – всушност, дури 14 различни функционалности можат да се контролираат без да ги тргате рацете од управувачот. Централната конзола е редизајнирана за да понуди елеганција – централната конзола е чиста и има интересни ситни хромирани детали (кои ќе ги најдете и на вратите). Во кабината се користени меки, премиум материјали, а ќе добиете и LED амбиентално осветлување.
Инаку, Octavia добива нови Virtual Cockpit дигитални инструменти, супер-остар head-up дисплеј, три-зонски Climatronic клима уред, премиум аудио уред, а може да се добијат и Matrix LED предни светла и уште мал милион други додатоци и ситници. Вреди да се истакнат и ErgoComfort седиштата со напредна ергономија, кои за прв пат се нудат во Octavia.
Со новата Octavia ќе можете да нарачате една од многуте нови погонски единици. Понудата на бензинци ја сочинуваат 1-литарскиот TSI EVO со 110 коњски сили, 1.5-литарскиот TSI EVO со 150 коњски сили, како и 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили, DSG менувач и погон на сите четири тркала. Понатаму, можете да изберете еден од eTSI лајт-хибридите, кои кај Skoda ја носат ознаката e-TEC – и тоа 1-литарскиот со 110 коњски сили и 1.5-литарскиот E-TEC со 150 коњски сили, а на самиот врв (сега за сега) е плаг-ин хибридната Skoda Octavia iV со 6-брзински DSG, 1.4-литарски TSI, електромотор и батерија. Хибридот располага со одлични 204 коњски сили и ќе може да помине до 50 километри на електрична енергија пред да биде потребно да се вклучи турбо-бензинецот.
Доколку сакате турбодизел, ќе можете да изберете меѓу неколку варијанти на 2-литарскиот TDI, кој можете да го добиете со 116, 150 или 200 коњски сили – и во зависност од одбраната верзија ќе можете да го комбинирате со 6-степен мануелен или 7-степен DSG менувач со двојна спојка и погон на предните или на сите четири тркала.
Конечно, бидејќи се работи за Škoda, кај новата Octavia ќе можете да добиете и еден куп Simply Clever додатоци. Ќе можете да добиете држачи за таблети на задните седишта, куки за ќеси во багажникот, гребалка за мраз кај полначката за гориво, места за одлагање мобилни телефони во предните седишта… И уште многу, многу повеќе!
Секако, понатаму можеме да очекуваме и Octavia Scout, како и моќна нова Octavia RS – која ќе биде прикажана кон средината на следната година.