full screen background image
Search

Škoda ги открива техничките детали околу новата Octavia

Премиерата на новата Octavia е закажана за 11-ти Ноември, но Skoda веќе ги откри повеќето технички детали околу супер-популарниот модел.

Škoda Octavia секогаш била меѓу најголемите автомобили во сегментот – и тоа ќе продолжи. Новата, четврта генерација на популарната Octavia ќе биде уште поголема и поширока – и  тоа подолга за цели 19 милиметри и поширока за 15 милиметри – ќе биде долга 4689 милиметри и ќе биде широка 1829 милиметри. Подобрена е и аеродинамиката – па новата Octavia ќе има коефициент на отпор од 0.24 Cd за хечбекот, односно 0.26 за караванот.

Новата Octavia ќе можете да ја нарачате со Matrix LED предни светла (истата технологија која од неодамна е достапна кај освежениот Superb), a ќе можат да се нарачаат и задни светла кои користат LED осветлување. Исто како и неодамна-претставениот Golf, Octavia ќе добие дигитални инструменти поставени на дисплеј со дијагонала од 10 инчи, а ќе може да се нарача и 10-инчен мултимедијален уред. Octavia ќе добие и хед-ап дисплеј, и ќе биде првиот модел на Škoda кој ќе добие ваква технологија. Кабината ќе добие многу практични ситници и детали – од места за одлагање дребулии, до дури 5 USB-C конектори и уште многу, многу други ситници.

Во однос на моторите, понудата кај Octavia ќе започне со 1-литарскиот TSI со 110 коњски сили, а над него ќе биде 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили. Доколку изберете конвенционална изведба ќе можете да ги добиете TSI моторите со мануелен менувач, а доколку одберете хибрид-лајт eTSI изведба тогаш ќе биде комбиниран со DSG автоматски менувач. На врвот ќе биде 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили кој добива погон на сите четири тркала и DSG автоматски менувач.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Škoda ја претстави најновата, четврта генерација на мега-успешната Octavia!

Во однос на дизелите, тука се супер-листите 2-литарски TDI Evo мотори кои нудат 115, 150 или 200 коњски сили. Овие можат да се комбинираат со мануелен или автоматски менувач, а двете помоќни верзии ќе можат да се нарачаат и со погон на сите четири тркала. Škoda ќе понуди и плаг-ин хибридна Octavia iV која ќе користи 1.4-литарски TSI турбо-бензинец во комбинација со електромотор, и ќе може да испорача 204 или 245 коњски сили.

Škoda ќе ја нуди новата Octavia со Dynamic Chassic Control систем кој ќе може автоматски да ја прилагоди суспензијата врз основа на избраниот режим на работа. Ќе се нуди и Sport пакет кој ќе ја приближи Octavia дополнителни 15 милиметри до подлогата, а Rough Road пакетот кој е наменет за не-баш-идеални патишта дополнително ќе ја оддалечи Octavia од подлогата за 15 милиметри.

Ќе бидеме трпеливи уште малку, премиерата е за помалку од две седмици.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.