Дури 10 години по претставувањето на субкомпактниот кросовер, пристигна втората генерација на оргиналниот Nissan Juke кој најавува дека ќе го надмине претходникот во секој критериум.
Новата генерација следи еволутивен дизајн и го задржува впечатливиот дизајн, но оформен во помодерно издание. Поставена е на новата CMF-B платформа која ја дели со најновите Renault Captur и Clio. Како резултат на тоа, може да се пофали со повеќе простор во кабината, но и 23 килограми помала тежина во споредба со претходникот.
Новиот Juke изгледа поатлетски благодарение на поскладните пропорции, лебдечкиот покрив и истакнатата странична карактерна линија. На предниот дел ги задржува кружните големи светла, над кои се наоѓаат потенки LED дневни светла, а исто така и добива поголема решетка со украсна V-рамка. На задниот дел, моделот добива светлосни групи по примерот на Quashqai и поостри линии.
Во споредба со екстериерот, ентериерот е значително изменет, како во дизајн, така и во просторност. Nissan изјавува дека должината за колената на задната клупа е зголемента за 58 милиметри, висината за главата за 11 милиметри, а капацитетот на багажниот простор е поголем за 20 проценти со што сега изнесува 422 литри.
Сепак, изгледот на ентериерот е визуелно највпечатливо изменет. Тој доаѓа со “лебдечки” дизајн на инструмент таблата, нов мултифункционален волан, како и намален број на копчиња на централната конзола, каде е поставен 8-инчен екран на допир, компатибилен со Apple CarPlay, Android Auto и Google Assistant.
Nissan ќе го нуди новиот Juke со 1.0-литарски три-цилиндарски турбо-бензински агрегат кој произведува 117 коњски сили, усогласен со шест-степен мануелен или седум-степен автоматки менувач со двојна спојка и лопатки за менување.