Porsche го откри ентериерот на Taycan – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche го откри ентериерот на Taycan

Премиерата на електричниот Taycan е закажана за 4-ти Септември, но Porsche веќе започна да го открива новиот автомобил – и ги имаме првите официјални фотографии од ентериерот.

Во просторот наменет за возачот и совозачот (немаме фотографии од задните седишта) доминираат спортските детали и четирите големи екрани. Четири? Пред возачот е поставен дигитален панел со инструмени, додека на централната конзола има уште два – еден за мултимедијалниот уред, еден за клима-уредот. Но она што е навистина интересно е четвртиот (опционален) дигитален дисплеј пред совозачот, преку кој ќе може да бидат контролирани одредени функции во автомобилот без тоа да му пречи на возачот.

Дигиталните инструменти се прикажани на 16.8-инчен закривен дисплеј со специјални облоги за да се елиминира одбивање на светлината. Овој дисплеј има четири режими на работа – Classic, Map, Full Map и Pure. Првиот е класичен режим и прикажува традиционални инструменти. Двата за мапата покажуваат информации околу навигацијата, а Pure режимот покажува само детали кои се важни за возењето – брзина, детали за навигацијата (со стрелки) и сообраќајни знаци.

Целата конзола е замислена да изгледа како да е едноделна  – па всушност и нема „делење“ на екраните. Единствено е издвоен екранот кој е наменет за клима уредот – но со тоа всушност се потенцира хоризонталноста на целата конзола и се истакнува чуството на широчина. Совозачот ќе има пристап до телефонот, навигацијата и уште некои други функционалности. На фотографиите можеме да забележиме дека Taycan ќе може да добие и Sport Chrono пакет (индицирано по штоперката поставена врз конзолата), а ќе може да се нарачаат и други премиум додатоци – на пример, Burmeister премиум аудио уред.

 

Поврзано:  Porsche се подготвува да го претстави првиот хибриден 911

Секако, купувачите ќе можат значително да го прилагодат ентериерот кон своите побарувања – па освен класичната кожа, ќе бидат достапни и други материјали – едната опција е кожа за чие штавење се користени маслинови лисја, кои го прават процесот поеколошки. Дополнително, доколку не сакате материјали од животинско потекло, ќе можете да нарачате Race-Tex материјал кој всушност е високо-квалитетен микрофибер произведен од рециклирани материјали.

Премиерата на Taycan е закажана за 4ти Септември.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.