full screen background image
Search

Пристигна освежениот знаменосец на Škoda – големиот Superb

Во салонот на Škoda во Скопје веќе пристигна фејслифтираниот знаменосец на брендот – големиот и комфорен крстосувач кој го носи името Superb.

За прв пат, големиот Superb е достапен и како поробустен Superb Scout, а до крајот на оваа година ќе пристигне и плаг-ин хибридниот Superb iV. Хибридниот Superb iV комбинира 1.4-литарски TSI кој испорачува 156 коњски сили со електромотор кој нуди дополнителни 115 коњски сили за вкупна системска моќност од 218 коњски сили. Струјата доаѓа од батериски модул со капацитет од 13 kWh, благодарение накои Superb iV може да помине до 55 километри на електрична енергија.

Како што веќе пишувавме, освежениот Superb добива грст дискретни – но кога ќе ја погледнете целата слика, не баш незначителни – измени. Визуелните освежувања започнуваат со предниот дел, каде вниманието го задржуваат дискретно редизајнираните предни светла – но уште поважно, тие сега можат да се нарачаат со Matrix LED технологија. Маската на ладилникот е нијанса поширока и поостра, а редизајниран е и предниот браник.

На задниот дел доминираат големите LED задни светла и хромираната лента која ги спојува. над нив е поставена ознаката ŠKODA, која го заменува традиционалното лого на брендот. Визуелните освежувања се комплетираат со нови 18 и 19-инчни тркала, како и нови бои, меѓу кои се вбројуваат Race Blue и Crystal Black.

Кабината добива нови материјали, како и хромирани декоративни елементи за централната конзола и инструментите. Доколку одберете седишта обвиени во кожа или алкантара, ќе можете да добиете нови опшивки во боја, а сега малите фиоки под седиштата се со вградено осветлување. Доколку го нарачате врвното Laurin & Klement ниво на опрема ќе добиете тапацир на кровот изработен од алкантара.

Поврзано:   ТЕСТ: Škoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition - Важен нов играч во сегментот!

Понудата на мотори на нашиот пазар започнува со 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили кој може да се добие со мануелен или DSG менувач. Скалило над него е 2-литарскиот TSI кој се нуди во изведба со 190 или 272 коњски сили и исклучиво со DSG менувач, а најмоќната верзија доаѓа со погон на сите четири тркала. Доколку сакате турбодизел можете да го добиете 2-литарскиот TDI со 150 или 190 коњски сили, а можете да го комбинирате со мануелен или DSG менувач и со погон на предните или сите четири тркала.

Технолошкиот напредок, како што се LED предните светла со матрица и уште поширок спектар на иновативни системи за помош, го прават Superb еден од најбезбедните и најудобните автомобили во својот сегмент. Во однос на просторноста, тој претставува репер за автомобилите во класата. Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност и подобро да го запознаеме големиот седан.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.