ПРЕМИЕРА: Škoda го освежи големиот Superb – сега ќе може да се добие и како плаг-ин хибрид – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda го освежи големиот Superb – сега ќе може да се добие и како плаг-ин хибрид

Големиот Superb доби значително освежување кое носи многу ситни и крупни измени – но најважен новитет е можноста Superb да се нарача како плаг-ин хибрид.

Визуелните измени започнуваат со предниот дел, каде вниманието го задржуваат дискретно редизајнираните предни светла – но уште поважно, тие сега можат да се нарачаат со Matrix LED технологија. Маската на ладилникот е нијанса поширока и поостра, а редизајниран е и предниот браник. На задниот дел доминираат големите LED задни светла и хромираната лента која ги спојува. над нив е поставена ознаката ŠKODA, која го заменува традиционалното лого на брендот. Визуелните освежувања се комплетираат со нови 18 и 19-инчни тркала, како и нови бои, меѓу кои се вбројуваат Race Blue и Crystal Black.

Кабината добива нови материјали, како и хромирани декоративни елементи за централната конзола и инструментите. Доколку одберете седишта обвиени во кожа или алкантара, ќе можете да добиете нови опшивки во боја, а сега малите фиоки под седиштата се со вградено осветлување. Доколку го нарачате врвното Laurin & Klement ниво на опрема ќе добиете тапацир на кровот изработен од алкантара.

Сепак, најважен новитет е плаг-ин хибридниот погон со кој сега Superb може да биде нарачан. Хибридот комбинира 1.4-литарски TSI кој испорачува 156 коњски сили со електромотор кој испорачува 115 коњски сили, како и 6-степен DSG менувач. Ознаката на овој модел е Superb iV, и неговата системска моќност е 218 коњски сили. Електричната енергија доаѓа од батериски модул со капацитет од 13 kWh, благодарение накои Superb iV ќе може да помине до 55 километри на електрична енергија.

Инаку, во понудата ќе се најдат и конвенционални мотори – основниот ќе биде 1.5-литарски TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили во комбинација со шест степен мануелен или 7-степен автоматски менувал. Поголемиот, 2-литарски TSI испорачува 190 или 272 коњски сили и ќе се нуди само со DSG автоматски менувач, врвната верзија добива и погон на сите четири тркала.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

Доколку сакате турбодизел, понудата започнува со 1.6 TDI кој нуди 120 коњски сили. Чекор погоре е 2-литарскиот TDI Evo кој испорачува 150 или 190 коњски сили. Послабата верзија на овој мотор може да се комбинира со мануелен или автоматски менувач, додека помоќната се нуди исклучиво со DSG, а купувачите ќе можат да нарачаат и погон на сите четири тркала.

Од Škoda кажуваат дека освежениот Superb со конвенционални погонски единици ќе биде достапен во текот на оваа година, додека Superb iV ќе биде лансиран на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.