ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz ја зголемува хибридната понуда со A250е и B250e – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz ја зголемува хибридната понуда со A250е и B250e

Германскиот луксузен бренд ја проширува понудата на хибридни модели со новите А250e и B250e кои добиваат хибриден погон со по 218 коњски сили.

Mercedes-Benz денес не претстави еден, не два – туку три нови хибридни автомобили. Новите хибриди доаѓаат во форма на A-Class хечбек, A-Class седан, како и B-Class. Хибридниот погон комбинира 1.33-литарски четири-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 160 коњски сили и 250 Nm вртежен момент со електромотор кој испорачува дополнителни 102 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Вкупната, системска моќност е одлични 218 коњски сили и дури 450 Nm вртежен момент.

Инаку, плаг-ин хибридните компактни модели на Mercedes-Benz имаат и прилично добра автономија на електрична енергија. Хечбекот може да помине до 68 километри на електрична енергија, хибридот до 69, додека повеќенаменскиот B-Class може да помине до 67 километри само на електрична енергија. За ова е задолжена батерија со капацитет од 15.6 kWh поставена под задните седишта, која со соодветен полнач од 7.4 kW може да се наполни од 10 на 100 проценти за еден час и 45 минути. Доколку имате пристап до брз полнач, полнењето до 80% трае само 25 минути.

Не се за занемарување ниту перформансите – до пред неколку години, вакви перформанси нудеа хот хеч моделите на некои брендови. A-Class хечбек забрзува до 100 километри на час за 6.6 секунди и постигнува 235 километри на час, додека на седанот му требаат 6.8 секунди, додека максималната брзина е 240 километри на час. На B-Class му требаат 6.8 секунди до 100 километри на час, а максималната брзина е 235 километри на час. Сите три автомобили можат да постигнат брзина до 140 километри само на електрична енергија.

Нарачките за сите три модели се веќе отворени.

Поврзано:  Тркачкиот Mercedes-Benz W196 Stromlinienwagen се продаде за 51.2 милиони Евра!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.