full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го претстави урбаниот A1 Citycarver

Урбаниот A1 Citycarver е најмалиот кросовер во понудата на Audi – и според луѓето од Инголштад е „како дома во градот, но и на патиштата надвор од него, па дури и на нерамен терен.“

Веднаш станува јасно дека A1 Citycarver е всушност базиран на А1 Sportback, но со 35 милиметри повисока суспензија, поголеми тркала, заштитни алуминиумски панели, како и пластични панели околу крилата. Добива и предна маска на ладилникот инспирирана од Q-моделите и уште неколку ситни визуелни измени.

Исто како и екстериерот, и ентериерот претрпува дискретни, но интересни измени. Меѓу другото, добива нови декоративни елементи околу отворите за вентилацијата, централната конзола и обложувањата на вратите. Декоративните елементи се достапни во неколку контрастни бои – а на фотографиите можеме да ги видиме во портокалова боја. Како и секогаш, ќе бидат достапни неколку нивоа на опрема – и на самиот врв е поставено спортското S-Line ниво.

Сега за сега не се објавени моторите со кои ќе се нуди А1 Citycarver, но можеме да претпоставиме дека ќе се нудат истите TSI и TDI мотори кои можат да се добијат кај регуларниот A1 Sportback. Најмоќната верзија би требало да има околу 200 коњски сили. Продажбата ќе започне веќе следниот месец, а првите примероци ќе бидат испорачани оваа есен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.