ПРЕМИЕРА: Новиот Chevrolet Corvette доаѓа со средишно поставен V8 и 500 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Chevrolet Corvette доаѓа со средишно поставен V8 и 500 коњски сили!

Chevrolet ја претстави  најновата, осма генерација на легендарниот Corvette – и со новиот модел, американскиот производител прави сериозни промени.

Дизајнот на Corvette е исклучително современ, и иако познавачите ќе забележат ситни детали кои асоцираат на минатите генерации, дизајнерите на C8 Corvette одлучиле да гледаат цврсто кон иднината. Најважната промена е поставеноста на моторот – Corvette веќе не е со предно поставен мотор! Новиот, 6.2 литарски V8 (кој ја носи ознаката LT2) е средишно поставен, позади задните седишта а пред задната оска и силата ја пренесува исклучиво кон задните тркала преку 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Во стандардна изведба, моторот испорачува 497 коњски сили и 630 Nm вртежен момент, а доколку го нарачате Z51 Performance пакетот добивате незначително повеќе – 502 коњски сили и 637 Nm вртежен момент. Првите шест степени на менувачот се со односи прилагодени за максимални перформанси, додека крајните две брзини се наменети за крстосување по автопат. А перформансите? Од Chevrolet кажуваат дека 100 километри на час ќе се постигнуваат за помалку од 3 секунди, додека максималната брзина се очекува да е во близината на 300 километри на час. Ова е навистина импресивно – бидејќи познавачите знаат дека ZR1 од минатата генерација требаше да употреби моќен компресор и скоро 800 коњски сили за да забрза до 100 километри на час за 2.8 секунди.

Corvette добива и целосно-нов, хај-тек ентериер. Ќе можат да се нарачаат неколку различни видови на седишта, а кабината ќе може да биде во неколку различни бои. Пред возачот е поставен 12-инчен дисплеј наменет за прикажување на инструментите, додека на централната конзола има уште еден дисплеј наменет за останатите функционалности. Ќе можете да добиете и безжично полнење за вашиот мобилен телефон, и Bose аудио уред со 10 или 14 звучници.

Инаку, не е само ентериерот хај-тек. Инженерите кажуваат дека иако не користат карбонски монокок, сепак Corvette е прилично лесен автомобил – тежи само 1530 килограми. Екстензивно е користен алуминиум, а има и карбонски компоненти. Дополнително, инженерите на Chevrolet развиле свој ултра-лесен материјал кој е искористен за некои од компонентите.

Сето тоа резултира со автомобил со врвни перформанси – кој во Америка ќе чини помалку од 60.000 долари.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.