full screen background image
Search

Toyota го забрзува планот за воведување електрични возила

Јапонскиот гигант ја забрза агендата за воведување на електрични возила кои ќе користат батерии и горивни ќелии – и најавија дека планираат од 2025 да продаваат повеќе од 5.5 милиони електрифицирани возила годишно.

Со оглед на огромните чекори кои индустријата ги прави кон целосна електрификација, јапонскиот гигант едноставно мораше да ги ревидира сопствените планови и да ги помести нанапред. Плановите ги објави одговорниот за истражување и развој во Toyota – Shigeki Terashi – кој најави дека плановите се поместени за дури пет години, а дека веќе за следната година е планирано да претстават solid-state батерија која би се користела во автомобилите.

Toyota следната година ќе лансира електрична верзија на супер-успешниот C-HR, а на домашниот пазар ќе претстават мал електричен автомобил со само две седишта и автономија од 100 километри со едно полнење. Сепак, плановите на Toyota се навистина амбициозни – тие кажуваат дека веќе во 2025 ќе продаваат 5.5 милиони електрифицирани возила годишно, од кои преку 1 милион ќе бидат електрични со напојување од батерии или горивни ќелии. Електричниот C-HR веќе беше претставен во Шангај оваа година.

Во моментов Toyota работи на архитектура наменета за електрични возила која е базирана на TNGA платформата. Новата платформа – која ќе го носи името e-TNGA – ќе се искористи за неколку различни модели, меѓу кои и компактен SUV развиен во соработка со Suzuki, како и SUV со средна големина развиен во соработка со Subaru. Истовремено, од Toyota кажуваат дека во план е уште еден електричен кросовер, но и седан, голем SUV и миниван. На оваа платформа ќе бидат лансирани вкупно 10 автомобили, од кои дури 6 ќе бидат глобални модели.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid Luxury - Најдоброто од Toyota?

Амбициите на Toyota се навистина големи – и ако некој може да успее, тоа е токму Toyota. Токму јапонскиот бренд „го изоде“ патот со хибридите и сега е вистински лидер кога станува збор за ваквите технологии – и затоа веруваме дека истиот успех ќе го постигнат и со електричните возила.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.