100 километри со новиот SEAT Mii Electric ќе чинат помалку од 50 денари – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

100 километри со новиот SEAT Mii Electric ќе чинат помалку од 50 денари

Шпанскиот бренд потврди дека оваа есен и официјално ќе го лансира Mii Electric, кој со едно полнење ќе може да помине околу 260 километри.

Електричниот Mii Electric (кој навистина е тешко да го разликувате од конвенционалниот Mii, и тоа е добра работа) го користи истиот погон кој веќе е претставен кај Skoda Citigo iV. Тоа значи дека користи електромотор со моќност од 82 коњски сили и 212 Nm вртежен момент, како и батерија со капацитет од 36.8 kWh.

Сето тоа му овозможува забрзување до 50 километри на час за само 3.9 секунди – а забрзувањето од 0 до 50 е многу поважно од забрзувањето од 0 до 100 километри на час во градските средини – онаму каде Mii Electric се очекува да поминува највеќе од времето. Плус, автономијата од 260 километри со едно полнење е повеќе од доволна за да се задоволат неколкудневни потреби на просечниот градски возач.

Ајде една весела математика – ако Mii Electric може да помине 260 километри со 36.8 kWh, тоа значи дека би трошел 14.15 kWh на 100 изминати километри. Ако го полните вашиот електричен Mii на таканаречената „евтина струја“, која (според Регулаторната Комисија за Енергетика) во моментов чини 2.78 денари за киловат-час (плус ДДВ), тогаш 100 километри со SEAT Mii Electric ќе чинат само 46 денари.

Електричниот Mii Electric ќе започне да се продава на крајот на оваа година, а првите возила ќе бидат испорачани на купувачите во првата четвртина од 2020.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.