Lexus подготви освежување за големиот RX – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lexus подготви освежување за големиот RX

Знаменосецот на SUV-понудата на Lexus добива значително освежување – како визуелно, така и „под кожата“.

Освежувањата на екстериерот започнуваат со дизајнот на целото возило – во ред, нема преголеми измени, но целиот дизајн добива затегнување. Предните светла се потенки и поостри, а новите светла за магла се интегрирани во долниот раб на браникот. Секако, тука е традиционалната маска на Lexus која е нијанса поостра, а слична е приказната и на задниот дел – задните светла се затегнати и модернизирани. Големиот RX добива и нови 18 и 20-инчни тркала, како и нови бои – Moonbeam Beige Metallic и Nori Green Pearl.

Инженерите на Lexus ги слушале купувачите, па многу новитети добиваме во кабината. Сите модели добиваат 8-инчен мултимедијален уред, а со доплата се добива 12.3-инчен дисплеј. Најважно е дека за прв пат некој модел на Lexus добива дисплеј кој функционира преку допир. Супер-важен новитет е и поддршката за Apple CarPlay и Android Auto, кои сега се дел од стандардната понуда на RX.

Измените „под кожата“ започнуваат со нов, полесни стабилизатори кои дополнително го намалуваат навалувањето во свиоци. Понатаму, RX добива и поцврсти анти-рол прегради, како и нови амортизери – за кои од Lexus кажуваат дека ги намалуваат бучавоста и вибрациите од патот. Оние кои сакаат подинамичен RX ќе можат да го добијат големиот SUV во две различни F-Sport варијанти – првата е со само козметички измени, додека втората добива редизајниран систем за дишење, активна контрола на звукот, рекалибрирано управување, спортски амортизери и посебен селектор на режимот за возење.

Освежениот RX се очекува да пристигне во текот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.