Ford ги објави сите податоци за европскиот Ranger Raptor – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford ги објави сите податоци за европскиот Ranger Raptor

Врвната изведба на популарниот сенаменски пикап на Ford ќе доаѓа со 213 коњски сили, 500 Nm вртежен момент и ќе може да вози во вода длабока 85 сантиметри!

Пред да започнеме, вреди да се напомене дека токму Ranger е најдобро-продаваниот пикап во Европа. Raptor изведбата ќе доаѓа со зајакната шасија, супер-компетентна суспензија и 2-литарски турбодизел со две турбини кој испорачува 213 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, кои ќе ги испорачува кон сите четири тркала преку 10-брзински автоматски менувач.

Трагот на Ranger Raptor е 150 милиметри поширок од оној кај обичниот модел, а добива и 51 милиметар повеќе дистанца од подлогата. Амортизерите се од Fox и нудат значително подолг од. Поголеми се и сопирачки, како и BF Goodrich пневматиците со дијаметар од 33 инчи и димензии 285/50 R17. Зголемената дистанца од подлогата обезбедува и подобри агли на пристапување и заминување – 32.5 степени на пристапување и 24 степени на заминување. Вкупната дистанца од подлогата е 283 милиметри а Ranger Raptor ќе може да се движи низ вода длабока 850 милиметри.

Возачот ќе  може да избере меѓу неколку различни режими на работа на Terrain Management системот – Normal, Sport, Grass/Gravel/Snow, Mud/Sand, Rock и Baja. Токму Baja режимот е наменет за брзо возење во теренски услови.

„Најважното искуство на Ranger Raptor е колку екстремно можете да го возите надвор од асфалтот, за потоа да се чувствувате како милионер кога ќе се вратите на него“ – изјави Damien Ross, одговорниот инженер за Ranger Raptor – „Сè кај него ги користи веќе софистицираните можности на Raptor и оди неколку чекори понатаму. Од аспект на динамичност и забава, ова е навистина исклучително возило.“

Од Ford кажуваат дека Ranger Raptor ќе троши 8.9 литри на 100 изминати километри и дека ќе може да забрза до 100 километри на час за 10.5 секунди, додека максималната брзина е 170 километри на час. Воедно, Ranger Raptor може да влече до 2500 килограми.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.