full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford ја претстави целосно новата Kuga – ќе се нуди во три хибридни изведби!

Пред само неколку моменти, Ford ја претстави новата Kuga – и целосно-новиот SUV е првиот Ford кој покрај со очекуваните EcoBoost турбо-бензинци и EcoBlue турбодизели ќе се нуди и како лајт-хибрид, фул-хибрид или плаг-ин хибрид!

Новата Kuga е навистина, навистина нова! Новиот SUV (кој патем, е трет најпродаван модел на Ford во Европа и минатата година се продаде во повеќе од 150.000 примероци) е првиот SUV кој е поставен на глобалната C2 платформа на Ford благодарение на која не само што е цели 90 килограми полесен од претходникот, туку истовремено има пристап до многу, многу нови технологии.

Можеби најважен новитет е можноста Kuga да биде нарачана во три хибридни изведби. Kuga EcoBlue Hybrid комбинира 2-литарски EcoBlue турбодизел кој нуди 150 коњски сили со 48-волтен електричен систем, литиум-јонска батерија и Belt-Driven Integrated Starter/Generator (BISG) систем кој го заменува стандардниот алтернатор. BISG системот работи и како мотор кој му асистира на конвенционалниот мотор во разни ситуации и со тоа ја намалува потрошувачката. Kuga EcoBlue Hybrid се очекува да троши само 5 литри дизел гориво на 100 изминати километри.

Втората опција е Kuga Hybrid – оваа конфигурација е всушност само-полнечки хибрид кој комбинира 2.5-литарски атмосферски мотор на аткинсонов циклус со електромотор, генератор, литиум-јонска батерија и Power-Split автоматски менувач. Оваа верзија ќе биде достапна од 2020 со погон на предните тркала или Ford Intelligent All-Wheel Drive. Оваа верзија се очекува да троши само 5.6 литри бензин на 100 изминати километри.

Конечно, тука е и Kuga Plug-In Hybrid која користи сличен погон, но добива литиум-јонска батерија со капацитет од 14.4 kWh и испорачува системски 225 коњски сили. Првиот плаг-ин хибриден Ford во Европа ќе може да помине до 50 километри на електрична енергија и ќе може да троши само 1.2 литри бензин на 100 изминати километри. Батеријата ќе се полни преку обичен полнач за само околу 4 часа.

Поврзано:   Ford го претстави Mustang EcoBoost High Performance

Секако, во понудата ќе се најдат и добро-познатите EcoBoost турбо-бензинци и EcoBlue турбодизели на Ford. EcoBlue дизелите доаѓат во форма на 1.5-литарскиот EcoBlue со 120 коњски сили кој се очекува да троши само 4.8 литри на 100 километри, како и поголемиот 2-литарски EcoBlue со 180 коњски сили кој ќе троши само 5.7 литри на 100 изминати километри. Моторите добиваат напредни системи за вбризгување на гориво како и напредни системи за елиминирање на емисијата на штетни гасови. За оние кои сакаат турбо-бензинци, тука е 1.5-литарскиот EcoBoost кој нуди 120 или 150 коњски сили и се очекува да троши само 6.5 литри на 100 изминати километри. EcoBoost го добива системот за деактивација на цилиндри – и три-цилиндерскиот мотор може да работи на само два цилиндри. Системот може да се активира или деактивира за само 14 милисекунди.

Инаку, новата Kuga изгледа навистина модерно – ќе препознаете дизајнерски детали од Focus, но навистина – Kuga има целосно нов лик. На предниот дел доминираат големата маска на ладилникот и големите, хоризонтални предни светла, додека на задниот дел вниманието го задржуваат широките задни светла со модерна графика и завршетоците на издувниот систем. Кабината влече инспирација од одличниот Focus и ги добива сите можни нови играчки – голем мултимедијален уред, дигитален панел со инструменти пред возачот, сите можни модерни системи за асистенција, па дури и моќен B&O аудио систем со моќност од 575 вати! Секако, како и сите други нови модели на Ford, новата Kuga ќе може да се добие во спортска ST-Line изведба, модерна Titanium изведба или пак луксузна Vignale верзија.

Поврзано:   Ford следната година ќе понуди лајт-хибридни верзии на Fiesta и Focus EcoBoost

Kuga тукушто беше претставена на Go Further настанот на Ford во Амстердам, а се очекува да пристигне во салоните во текот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.