full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG A 35 4Matic Sedan – Компактен седан со 306 коњски сили!

AMG-дивизијата ја претстави A 35 изведбата на новиот A Class Sedan – и рецептот е 2-литарски турбо-бензинец со 306 коњски сили, автоматски менувач и 4Matic систем за погон на сите четири тркала!

Во суштина, A 35 Sedan е многу сличен (да не речеме, идентичен) под кожата како хечбек-верзијата. Под поклопецот се крие 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 306 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува преку AMG Speedshift 7G автоматски менувач со двојна спојка кон 4MATIC систем за погон на сите четири тркала. Резултатот до сето ова? „Стотка“ за 4.7 секунди и максимални (електронски ограничени) 250 километри на час.

Секако – бидејќи се работи за AMG – добиваме и нови предни и задни браници, 18-инчни тркала, AMG Line странични прагови, заден спојлер, заден дифузер и двојни завршетоци на издувниот систем. Дополнително, купувачите можат да нарачаат и AMG Night пакет кој ги зацрнува многу од хромираните детали, како и AMG Aerodynamics пакет кој вклучува неколку ситни аеро-додатоци.

Кабината добива редизајниран AMG управувач, спортски седишта, контрастни опшивки во црвена боја, галванизирани лопатки за менување брзини и уште неколку други ситници. Секако, тука е и MBUX инфозабавниот систем, а возачот ќе може да избере меѓу пет режими на работа на автомобилот – Slipper, COmfort, Sport, Sport+ и Individual. Надградени се и сопирачките – на предните тркала има 350 милиметарски дискови, додека задните добиваат 330 милиметарски дискови.

Сега за сега цените не се објавени, но очекуваме да бидат „тука некаде“ со цените на A35 хечбекот.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.