ПРЕМИЕРА: Електричниот Škoda Vision iV претставен во Женева! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Електричниот Škoda Vision iV претставен во Женева!

Vision iV е визијата на Škoda за електрично кросовер-купе за четири врати – и воедно првиот автомобил на чешкиот бренд поставен на MEB платформата на Volkswagen.

MEB платформата на Volkswagen полека но сигурно започнува да го наоѓа своето место кај сите брендови на групацијата. По SEAT – кои го најавија el-Born – сега и чешкиот бренд Škoda има свој концепт.

Неговото име е Vision iV и всушност претставува замисла за електрично кросовер-купе. Концептот користи два електромотори – по еден на секоја оска – за да има погон на сите четири тркала. Електромоторите се придвижувани од литиум-јонски батериски модул поставен во подот со цел да се понуди што е можно повеќе простор во кабината. Батериите овозможуваат автономија од импресивни 500 километри со едно полнење.

Инаку дизајнот е типично „концептски“ – но сепак познавачите кажуваат дека Skoda веќе планира сериски модел базиран токму на Vision iV. На предниот дел доминира LED „лентата“ која ги спојува екстремно тенките предни светла. Профилот го дефинираат интересни неправилни површини, додека футуристичкиот пристап на задниот дел го дефинираат задните светла и големиот дифузер.

Концептот е поставен на големи, 22-инчни тркала и како и многу други концепти (па и сериски автомобили) нема странични ретровизори – тие се заменети со камери. Кабината добива интересна „двослојна“ централна конзола, како и нов, двокрак управувач со несекојдневна форма и името на брендот наместо значката на кутијата од воздушното перниче. Секако, тука се и неизбежните дигитални иснтрументи и големиот централен мултимедијален уред кој изгледа како да лебди.

Интересно, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.