Чешкиот бренд се подготвува за сериозен настап во Женева – покрај новиот Kamiq, Skoda ќе претстави и концепт за електрично кросовер-купе поставено на MEB платформата на Volkswagen групацијата.
Skoda ги објави првите скици од новиот концепт – кој ќе го носи името Vision iV. Според најавите, се работи за електрично „кросовер-купе кое го карактеризираат динамични линии“. Ова е сериозен новитет за Skoda – не само поради кросовер-купе пристапот, туку поради фактот дека овој автомобил ќе ја користи MEB платформата на Volkswagen наменета за електрични возила – а тоа значи дека во суштина е многу блиску до сериски модел.
Во ред – сепак се работи за концепт, а за тоа сведочат големите 22-инчни тркала и агресивната кровна линија. Во секој случај, концептот изгледа интересно – го карактеризираат препознатливи Skoda форми и линии, но има и детали кои се типични за еден концепт – страничните камери наместо ретровизори, скриените рачки на вратите, итн… Од Skoda не кажуваат дали Vision iV ќе биде трансформиран во сериски модел, но кажуваат дека ќе претстават повеќе од 10 електрифицирани модели до крајот на 2022-рата година, и дека ќе инвестираат „повеќе од 2 милијарди евра во алтернативни погони и нови сервиси за мобилност“.
Наскоро ќе знаеме повеќе. ;)