BMW ја освежи големата Серија 7 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW ја освежи големата Серија 7

По неколку протечени фотографии, BMW официјално ја претстави освежената Серија 7.

Новата Серија 7 доаѓа со освежени мотори, новитети внатре во кабината, но и визуелни измени кои вклучуваат нова предна маска на ладилникот која е дури 40% поголема од досегашната.

Околу маската се поставени потенки предни светла кои според BMW креираат „стилистички привлечен контраст“, додека задниот дел добива редизајнирани хромирани украаси околу издувните цевки. Задниот дел добива и нови LED задни светла, како и тееееенка LED линија која ги спојува. Како и досега, Серијата 7 ќе се нуди во стандардна и LWB изведба со продолжено меѓуоскино растојание.

Од BMW кажуваат дека луксузната кабина на големиот седан сега е уште потивка благодарение на подобрувања околу крилата, Б-столбовите и уште неколку ситни измени, а изолацијата е дополнително подобрена благодарение на подебели странични стакла и задно стакло.

Кабината добива редизајниран управувач со прераспоредени контроли, како и најновата верзија на мултимедијалниот уред кој комбинира 12.3-инчен уред пред возачот и 10.25-инчен централен дисплеј со BMW Intelligent Personal Assistant. На задната клупа патниците добиваат два 10-инчни Full-HD екрани со вграден Blu-Ray читач.

Во однос на погонските единици, сега големата Серија 7 ќе се нуди со новиот твин-турбо 4.4-литарски V8 кој испорачува 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Оваа варијанта ќе ја носи ознаката 750i xDrive. За купувачите интересен ќе биде плаг-ин хибридниот 745e кој комбинира линиски шест-цилиндерски турбо-бензинец со системска моќност од 394 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, кој нуди автономија на електрична енергија од скоро 60 километри. На самиот врв е M760Li xDrive кој користи 6.6-литарски V12 кој испорачува 585 коњски сили и 850 Nm вртежен момент – сосем доволно да го катапултираат огромниот седан до 100 километри на час за 3.8 секунди и да продолжат да го забрзуваат сè до максималните 305 километри на час.

Секако, тука се и дизелите – основен мотор во понудата останува 730d кој испорачува 260 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Скалило погоре е 740d кој користи твин-турбо сетап за да испорача 320 коњски сили и 680 Nm вртежен момент, и на самиот врв е 750d кој користи три турбополначи за максимални 400 коњски сили и 760 Nm вртежен момент.

Поврзано:   Во салонот на BMW во Скопје пристигна новиот X2


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.