ПРЕМИЕРА: Новиот Ford Mustang Shelby GT500 доаѓа со агресивен лик и преку 700 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Ford Mustang Shelby GT500 доаѓа со агресивен лик и преку 700 коњски сили!

Американците не веруваат во суптилност – а нема подобар доказ за тоа од новиот Mustang Shelby GT500!

Знаете колку е посебен новиот Ford Mustang Shelby GT500? Што ако ви кажеме дека е најмоќниот автомобил во сериско производство во историјата на Ford? Да, повеќе коњски сили има и од супер-автомобилот Ford GT. Дали е тоа доволно?

Од Ford не кажуваат точни детали, но кажуваат дека има „повеќе од 700 коњски сили“, дека може да катапултира до 100 километри на час за малку над 3 секунди и дека најважниот бенчмарк на светот – четвртина милја – се поминува за помалку од 11 секунди. Сето тоа е благодарение на голем, 5.2-литарски V8 на кој е додаден голем компресор. Силата се пренесува кон задните тркала преку нов, 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка кој доаѓа од Tremec.

Сакате да зборуваме за егзотичност? Новиот Mustang Shelby GT500 има карбонски кардан, а менувачот може да смени брзина за помалку од 100 милисекунди. GT500 ќе доаѓа со уште подобрен систем за Launch Control, како и Line Lock систем за „горење“ на задните тркала. Како што рековме, Американците не се баш суптилни.

Инаку, не е заборавено ниту на суспензијата – па дел од пакетот е најновата генерација на MagneRide амортизерите, полесни пружини, ново електрично серво-управување и огромни 420-милиметарски сопирачки со Brembo клешти. Сакате да бидете уште поекстремни? Нарачајте го Handling пакетот, или пак Carbon Fiber Track пакетот – кој доаѓа со 20-инчни карбонски тркала обвиени во Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици и прилагодлив масивен заден карбонски спојлер. И извадени задни седишта.

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.