full screen background image
Search

Секој трет автомобил продаден во Норвешка минатата година бил електричен

Минатата година во Норвешка се продадени 6.8 проценти помалку нови автомобили – но од околу 145.000 продадени возила, дури 46.000 биле електрични!

Од сите продадени возила во Норвешка во 2017, 20.8 проценти биле електрични, за таа бројка да порасне на 31.2 проценти во 2018. Од вкупно 147.929 возила продадени во Норвешка во 2018, дури 46.092 возила биле електрични. Најпродавано возило во Норвешка минатата година била втората генерација на Nissan Leaf, додека добро котира и Telsa – тие во Норвешка испорачале 8623 возила. Интересен е податокот дека ако на електричните возила ги додадеме и хибридните, ќе дојдеме до бројката од 49.1 процент електрични или електрифицирани возила продадени во Норвешка во 2018.

Во Норвешка електричните возила се ослободени од скоро секакво оданочување, а имаат и други придобивки во форма на бесплатно полнење и паркирање. Норвешка сака да ја елиминира продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување до 2025-тата година, со цел да го намали загадувањето на воздухот и емисијата на штетни гасови. Интересно е што се напоменува и отпорот на луѓето да купат електрично возило бидејќи немаат сопствено паркинг место каде би можеле да постават сопствен полнач.

Се очекува бројката на продадени електрични возила во Норвешка да порасне и оваа година – бидејќи оваа година ќе започнат да се продаваат уште повеќе електрични модели. Според некои статистики, во Норвешка веќе се направени 30.000 нарачки за Tesla Model 3 и Audi E-Tron.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.