Audi ја зголемува понудата на мотори во новиот Q3 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi ја зголемува понудата на мотори во новиот Q3

Европските купувачи сега имаат поголем избор кога станува збор за мотори кај новиот Q3 – сега на купувачите им се достапни неколку нови турбо-бензински и турбодизел мотори.

 

Понудата започнува со 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец кој нуди 150 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Овој мотор користи технологија за деактивација на цилиндрите со цел да ја намали потрошувачката. Овој мотор ќе се нуди со шест-степен мануелен или 7-брзински S-Tronic автоматски менувач со двојна спојка, и троши само 6 литри бензин на 100 километри во комбинирани услови. Забрзувањето „до стотка“ со мануелен менувач трае 9.6 секунди и максималната брзина е 211 километри на час, додека со автоматски менувач „стотка“ пристигнува за 9.2 секунди и максималната брзина е 207 километри на час. Оваа комбинација ја  носи ознаката Q3 35 TFSI.

Скалило погоре е Q3 40 TFSI кој користи 2-литарски TFSI турбо-бензинец со 190 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Оваа верзија стандардно ќе се нуди со S-Tronic автоматски менувач со двојна спојка, како и Quattro погон на сите четири тркала. Според Audi, забрзувањето до 100 километри на час трае 7.4 секунди и максималната брзина е 220 километри на час. Според официјалните податоци, Q3 40 TFSI ќе троши 7.5 литри бензин на 100 километри во комбинирани услови на возење.

Најмоќниот Q3 кој во моментов се нуди е Q3 45 TFSI, кој исто така користи 2-литарски TFSI турбо-бензинец, но овој пат навиен на 230 коњски сили и 350 NM вртежен момент. Во оваа комбинација „стотка“ пристигнува за 6.5 секунди а максималната брзина е 233 километри на час.

Гамата на дизел мотори ја сочинуваат Q3 35 TDI кој користи 2-литарски TDI турбодизел со 150 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Во комбинација со погон на предните тркала и S-Tronic менувач вака опремениот Q3 ќе троши 4.9 литри на 100 километри и ќе може да постигне 100 километри на час за 9.2 секунди, додека максималната брзина е 207 километри на час. Купувачите ќе можат да добијат и Quattro погон на сите четири тркала, како и шест-степен мануелен менувач.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Audi го освежи e-tron GT, врвниот Performance има 925 коњски сили!

Над „основниот“ дизел е и Q3 40 TDI, кој го користи истиот 2-литарски турбодизел, но со моќност од 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. 100 километри на час пристигнуваат за рамно 8 секунди, додека максималната брзина е 221 километар на час. Кај овој мотор, потрошувачката во комбинирани услови е 5.6 литри дизел на 100 изминати километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.