ВОЗЕЊЕ: Peugeot Rifter пристигна во Македонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕЊЕ: Peugeot Rifter пристигна во Македонија

Минатата седмица имавме можност на македонските патишта да го повозиме француското повеќенаменско возило – новиот Peugeot Rifter!

Peugeot Rifter има огромен потенцијал – но тоа веќе го знаеме, бидејќи имавме ексклузивна можност ова лето во Франција меѓу првите во светот да го запознаеме токму новиот француски автомобил наменет за оние со активен и динамичен животен стил. Од неодамна Rifter пристигна и во Македонија, па благодарение на македонскиот претставник на Peugeot – Еуроимпекс – имавме одлична можност да го повозиме и по нашите патишта.

На располагање имавме две верзии на Rifter – едниот во основното Active ниво на опрема, придвижуван од 1.5-литарскиот BlueHDI со 100 коњски сили, и вториот во GT Line ниво на опрема, со 130-коњска верзија од истиот мотор, но во комбинација со 8-брзински автоматски менувач. Нашата рута нè однесе од Скопје, па сè до „Куќата на Мијаците“ близу Маврово. Комбинацијата од урбано возење, но и автопат ни овозможи уште еднаш да се увериме во сèстраноста на Rifter.

„Новиот Peugeot Rifter е сосема ново возило. Тој не е СУВ, не е моноволуменец. Тој е сосема нов предлог даден од Peugeot, затоа и имаме ново име. Самото име е кратко и веднаш потсеќа на движење вон градска средина, на робустност, модуларност, авантура… На дизјанот од новиот Rifter имаат работено 30 дизајнери. Точно е дека дизајнот на овој модел е повеќе агресивен и модерен, сепак ќе кажеме дека секое возило има свој стил, дизајн и своја потенцијална клиентела за која е наменет“ – ни кажа Ана Николоска, Менаџер за медиуми и односи со јавност во Еуроимпекс

Rifter може да се пофали со навистина многу новитети и технологии. Веќе на прв поглед е препознатливо дека се работи за модел на Peugeot, особено заради карактеристичниот LED потпис, а ни се допаѓаат и пластичните заштитни панели кои на Rifter му даваат поробустен изглед. Меѓу најсилните страни на Rifter е токму модуларноста – во кабината има скоро 180 литри капацитет за одлагање ситници, а багажникот нуди меѓу 775 и 1414 литри капацитет.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Ова беше одличен пример дека „повторувањето е мајка на знаењето“ по нашето прво возење со Rifter во Франција, но ние повторно ќе се дружиме со францускиот модуларен автомобил за уште подобро да ги провериме неговите таленти во наши, македонски услови.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.