full screen background image
Search

Skoda започна да го открива Scala – објавени први детали за ентериерот

Веќе знаеме дека наследникот на Rapid ќе го носи името Scala, а сега Skoda започна да објавува детали и за ентериерот на новиот хечбек.

Целосно-новиот модел ќе биде претставен следниот месец, но веќе имаме први детали за ентериерот на Scala. Како што веќе знаеме, Scala е наследникот на Rapid, но ќе биде поголем и попрактичен, а ќе биде поставен токму во таканаречената Golf-класа.

Scala ќе користи дизајнерски насоки од одличниот Vision RS концепт кој Skoda неодамна го претстави. Интересно е што дизајнерските насоки од Vision RS се следени како на екстериерот, така и во ентериерот на новиот модел.

Како што можеме да видиме од скицата, Scala воведува нова филозофија за ентериери во Skoda – и нам ни се допаѓа. Малку конзервативниот изглед се заменува со значително помодерен, подинамичен пристап. На средината на конзолата е поставен 9.2-инчен уред наменет за мултимедијалниот уред, а под него има контроли наменети за клима уредот. Пред возачот е поставен 10.25-инчен виртуелен кокпит – каков што добиваат и значително поскапите автомобили во рамките на Volkswagen групацијата.

Всушност, истиот пристап продолжува и со остатокот од кабината – од Skoda ветуваат дека во Scala ќе се вградуваат поквалитетни и помеки материјали кои обично ги очекуваме кај поскапите автомобили. Секако, Scala ќе ги добие и сите системи за активна и пасивна безбедност, а ќе може да се пофали и со багажен простор со капацитет од 467 литри.

Премиерата на Skoda Scala е закажана за 6ти Декември, и тоа во Тел Авив.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.