ПРЕМИЕРА: McLaren го претстави супер-брзиот Speedtail! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: McLaren го претстави супер-брзиот Speedtail!

Прашањето кое неизбежно се поставува е – дали Speedtail е наследник на легендарниот F1? Со 1000 коњски сили и максимална брзина од 400 километри на час – зошто да не?!

Од McLaren кажуваат дека Speedtail е следното поглавје во Ultimate серијата на возила на британскиот бренд. Иако не кажуваат што точно е задолжено за задвижување на Speedtail, кажуваат дека има хибриден погон кој испорачува вкупно 1050 коњски сили. Перформансите се спектакуларни – максималната брзина е 403 километри на час, а 300 километри на час пристигнуваат за само 12.8 секунди – 0.3 секунди побрзо од Bugatti Chiron.

Инаку, споредбите со легендарниот F1 доаѓаат поради распоредот на седишта – Speedtail има централно-поставено возачко седиште и по едно седиште на секоја страна. Ентериерот наликува на некоја комбинација од авионски кокпит и некаков неидентификуван летечки објект.

Дизајнот е во најамала рака – несекојдневен, особено во оваа боја. Скоро секој панел е направен од карбон, страничните ретровизори се всушност камери (кои во Velocity режимот се вовлекуваат внатре во каросеријата за подобрена аеродинамика), но вистински хит се задните „крилца“ кои кога се вовлечени немаат никакви линии.

Цената… Ах, цената. McLaren ќе произведе само 106 примероци од Speedtail, и секој од нив ќе чини 1.95 милиони евра. И погодувате – сите се веќе распродадени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.