Најновата генерација на натпреварувачот на KIA во компактната класа пристигна во Македонија – новиот Ceed е веќе изложен во салонот на KIA Motors Македонија.
KIA Ceed секогаш бил интересен модел на нашиот пазар – токму со Ceed, KIA ја започна својата трансформација во навистина привлечен производител. Токму затоа толку многу внимание е посветено на најновата, трета генерација на успешниот хечбек.
Новиот Ceed е подолг, поширок и понизок, а доаѓа и со попространа кабина и поголем багажен простор. Гамата на мотори започнува со добро-познатиот 1.4-литарски MPI бензинец со 100 коњски сили, а сега може да се добие и 1-литарски турбо со 120 коњски сили, како и 1.4-литарски турбо со 140 коњски сили. Во понудата ќе се најде и новиот 1.6-литарски турбодизел со 136 коњски сили (кој неодамна го пробавме во освежениот Sportage), а во зависност од моторот ќе можете да одберете меѓу мануелен менувач со 6 брзини, или 6-брзински автоматски менувач со двојна спојка.
Сосем новиот Ceed воведува и некои нови технологии, кои KIA за прв пат ги нуди во сегментот. Меѓу другото, можете да добиете адаптивен темпомат, можност за напредно врзување со паметен телефон, JBL аудио уред, неколку различни мултимедијални уреди, како и многу различни системи за асистенција.
Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да го пробаме новиот Ceed, и да ви ги пренесеме нашите впечатоци.