full screen background image
Search

ПАРИЗ 2018: Премира на новиот Škoda Kodiaq RS

По многуте најави, Škoda конечно го претстави првиот SUV кој ќе ја носи ознаката RS – под поклопецот се крие 2-литарски BiTDI со 240 коњски сили, а како што и очекувавме, Kodiaq RS го привлече вниманието на сите.

Под поклопецот на Škoda Kodiaq RS се крие 2-литарскиот BiTDI турбодизел кој испорачува 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон сите четири тркала преку DSG автоматски менувач со двојна спојка, а сето тоа значи забрзување до 100 километри на час за рамно 7 секунди и максимална брзина од 220 километри на час. Според официјалните податоци, Škoda Kodiaq RS ќе има комбинирана потрошувачка од 6 литри дизел на 100 изминати километри.

Kodiaq RS ќе го препознаете преку многуте уникатни детали – од спортскиот бодикит и многуте сјајно-црни детали, па сe до големите 20-инчни тркала во уникатен дизајн кои кријат големи шепи за сопирачките во црвена боја. Кабината добива спортски седишта со контрастни опшивки, голем мултимедијален уред и дигитални инструменти пред возачот, а на надворешноста забележуваме и интересни детали како што се завршетоците на издувниот систем, црните кровни носачи, итн…

Како што веќе знаеме, Kodiaq RS добива и предни светла со LED технологија, а и систем за активно генерирање на звук во кабината, кој би требало уште повеќе да ги истакне динамичните квалитети на големиот чешки SUV. По денешната премиера, се очекува Kodiaq RS наскоро да започне со продажба и да пристигне во салоните. Според она што го кажуваат од Škoda, веќе има голем интерес за Kodiaq RS и чешката компанија очекува да ја продолжи успешната приказна која трае веќе повеќе години со Octavia RS.

Поврзано:   Škoda Kodiaq RS се подготвува за својата премиера!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.