Премиера: Новиот Mercedes-Benz GLE доаѓа со нов дизајн и нови технологии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Новиот Mercedes-Benz GLE доаѓа со нов дизајн и нови технологии

Новиот голем SUV на Mercedes-Benz доаѓа со нов, поедноставен и хармонизиран дизајн, но и нови мотори и многу нови технологии.

Дизајнерите на Mercedes-Benz кажуваат дека новиот GLE носи дизајн кој е „базиран на хармонизирана интеракција меѓу емоциите и интелигенцијата и се карактеризира со безвременска убавина.“ Нам ни изгледа прилично модерно, без притоа да навлегува во премногу комплексни форми и непотребни детали. На предниот дел се истакнуваат хоризонталните, намалени светлосни групи како и редизајнираната маска на ладилникот која гордо го носи знакот на Mercedes.

Страничниот дизајн е чист без непотребни линии, а на задниот дел особено ни се допаѓаат компактните задни светла кои барем во нашите очи изгледаат подобро од оние кај новата A-Class, од која влечат инспирација. Купувачите ќе можат да изберат и меѓу неколку нови дизајни на тркала, кои се во димензии од 18, па сè до раперски 22 инчи.

Меѓуоскиното растојание на новиот GLE е зголемено за цели 80 милиметри, што пак резултира во повеќе простор во кабината и зголемен капацитет на багажникот – сега тој собира дури 825 литри, односно цели 2055 литри со преклопен трет ред седишта. GLE доаѓа со најновата генерација на MBUX инфозабавниот систем кој стандардно користи два големи, 12.3-инчни екрани.

Сега за сега се објавени деталите само за еден мотор – а тоа е GLE 450 4Matic. Оваа комбинација комбинира 3-литарски шест-цилиндерски мотор со 48-волтна технологија и EQ Boost хибридна функционалност. Моторот испорачува 367 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, а електромоторот испорачува дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент во кратки интервали. Понатаму ќе бидат претставени и други верзии, а сите ќе се комбинираат со 9G-Tronic автоматски менувач и 4Matic погон на сите четири тркала.

Поврзано:  Mercedes-Benz CLE Cabriolet пристигна во салонот на Мак Аутостар

Интересен новитет кој дебитира токму кај новиот GLE е системот кој Mercedes-Benz го нарекува E-Active Body Control. Овој систем го користи 48-волтниот систем на GLE во соработка со воздушна суспензија со цел да ја контролира амортизацијата на секое тркало засебно. Според инженерите на Mercedes-Benz, ова овозможува многу прецизно контролирање на суспензијата и намалување на навалувањето во свиоци, навалувањето наназад при забрзување и навалувањето нанапред при сопирање. Останува да го пробаме системот и самите да се увериме во неговите можности.

Видео

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.