ПРЕМИЕРА: Новиот Audi Q3 – Успешниот модел влегува во својата втора генерација! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Audi Q3 – Успешниот модел влегува во својата втора генерација!

Новиот Q3 ќе се обиде да го продолжи успехот на својот претходник – а тоа ќе го направи со свеж дизајн, нови технологии и моќни мотори!

По фотографиите кои протекоа во текот на вчерашниот ден, денес и официјално ги имаме сите податоци за новиот Q3.

Дизајнерски, Q3 очигледно влече инспирација од другите модели на брендот – особено од големиот Q8 – но истовремено наметнува сопствен идентитет. Веднаш се забележува дека ова е наследник на добро-познатата и успешна прва генерација – формата и силуетата е слична, но новиот автомобил е подолг, поширок и понизок, а со тоа го истакнува динамичниот карактер.

На предниот дел доминира голеееемата маска на ладилникот, на чии страни се поставени острите светлосни групи – кои патем, можат да се добијат во три верзии, сите со LED технологија. Карактерната линија го спојува предниот со задниот дел, а на задниот дел се истакнуваат задните светлосни групи и интересната, скоро купеовска кровна линија.

Кабината добива дизајн налик на оној кај A7, но без двојните екрани на централната конзола. Пред возачот е поставен дигиталниот виртуелен кокпит на Audi, а на централната конзола се мултимедијалниот уред и контролите за клима уредот. Инаку, новиот Q3 ветува како повеќе простор во кабината, така и повеќе простор во багажникот – во зависност од поставеноста на задните седишта на располагање ќе имате меѓу 530 и 675 багажен простор, кој може да нарасне на 1525 литри со спуштени задни седишта.

Секако, новиот Q3 ги добива и сите нови безбедносни технологии на Audi – адаптивен темпомат кој самиот може да ја следи коловозната лента, Traffic Jam Assist за автономно движење во „тргни-застани“ сообраќај, автоматско паркирање, Audi Pre-Sense технологиите и уште многу, многу повеќе.

На самиот старт, новиот Q3 ќе се нуди со четири погонски опции – три бензински и еден дизел, со моќност која ќе варира од 150 до 230 коњски сили, а во зависност од одбраниот мотор ќе може да се добие погон само на предните или на сите четири тркала, како и 6-брзински мануелен или 7-брзински S-Tronic менувач со двојна спојка. Новиот Q3 би требало да пристигне во салоните веќе оваа есен.

Поврзано:   Audi го направи последниот R8



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.