full screen background image
Search

Porsche го претстави освежениот Macan – Измените се дискретни, но сепак забележителни

Помалиот SUV на Porsche го доби својот фејслифт – дел од приказната се дискретни визуелни измени, нови бои и новитети во кабината.

Macan е успешен модел за Porsche – од неговото претставување се продадени преку 350.000 примероци, па германскиот производител на спортски автомобили само го затегна и го освежи помалиот SUV.

Како што и можеме да очекуваме од Porsche – визуелните измени се дискретни. Стандардно ќе добиете LED светла со редизајнирана графика, а задниот дел добива и целосна LED „трака“ која сега е во согласност со другите модели од брендот. Macan добива и нови бои – одличната Miami Blue, но и Mamba Green Metallic, Dolomite Silver Metallic и Crayon. Во понудата ќе се најдат и нови тркала со димензии од 20 и 21 инч.

Од Porsche сега за сега не кажуваат дали ќе има нови мотори, но кажуваат дека посветено е внимание на шасијата за да се подобри неутралноста и комфорот. Посветено е внимание и на кабината, и сега Macan ќе може да се добие со нов, 11-инчен мултимедијален уред чувствителен на допир, преку кој ќе се контролираат многу од функционалностите во автомобилот. Купувачите ќе можат да нарачаат и GT спортски управувач, како и јонизатор за воздухот и Traffic Jam Assist систем за самостојно движење во густ сообраќај.

Новиот Macan се очекува да биде достапен веќе до крајот на оваа година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.