full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го претстави А1 Sportback – Нуди остар дизајн, многу технологија и до 200 коњски сили!

По неколкуте најави – но и неколкуте „протечени“ фотографии – Audi конечно ја претстави втората генерација на малиот A1 Sportback кој ќе ги освојува купувачите со многу технологија, но и до 200 коњски сили!

Дизајнот на новата генерација на најмалиот член на Audi семејството е несекојдневен и прилично агресивен. А1 очекувано наликува на другите модели на Audi, но пропорциите му даваат интересен и динамичен став – како мал булдог. А1 е долг 4.03 метри, широк 1.74 метри и висок 1.41 метар. На предната страна доминираат големата маска на ладилникот и  предните светла (кои патем, можат да бидат изработени со LED технологија), профилот го „прекршува“ интересната неколкуделна карактерна линија, а на задниот дел се истакнуваат острите и комплексни задни светла како и (верувале или не) вистинскиот завршеток на системот за издувни гасови (кај S-Line верзијата)!

A1 ќе биде достапен во 11 бои, а купувачите ќе можат да нарачаат контрастна боја за кровот, страничните ретровизори, страничните прагови и предниот спојлер. Достапни ќе бидат тркала во димензии од до 18 инчни, а тука е и неизбежната S-Line верзија која доаѓа со поспортски браници и поника и поцврста суспензија.

Сите верзии на A1 добиваат 10.25 инчен дигитален дисплеј за инструментите пред возачот, мултифункционален управувач и многу други ситници. Дополнително, купувачите ќе можат да нарачаат MMI Plus мултимедијален уред со 8.8-инчен дисплеј на централната конзола, или пак MMI Navigation Plus со 10.1-инчен дисплеј. Секако, тука се и Android Auto и Apple CarPlay можностите за поврзување, а ќе биде достапен и Bang & Olufsen премиум аудио уред со 11 звучници.

Поврзано:   Започна производството на електричниот Audi e-Tron SUV

Во однос на моторите, А1 ќе се нуди со неколку различни TFSI мотори. Основниот е 1-литарски TSI со три цилиндри кој нуди 95 коњски сили, а над него се 1.5-литарскиот и 2-литарскиот TSI. Audi не ги објави сите детали, но потврди дека најмоќната верзија ќе има 200 коњски сили. Во понудата е и Performance Package кој меѓу другото вклучува и сопирачки со дијаметар од 312 милиметри на предните тркала и 272 милиметри на задните.

Официјалната премиера е закажана за Саемот на Автомобили во Париз, а продажбата се очекува да започне до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.