full screen background image
Search

Анализа: Ќе експлодира продажбата на малите SUV модели

Според анализа на LMC Automotive, европската продажба на малите SUV модели ќе продолжи да расте и оваа година – бидејќи новите модели успешно ги преземаат купувачите кои традиционално одбирале хечбек.

Анализата на LMC Automotive ја пренесува Automotive News, а во неа се зборува дека минатогодинашната бројка 1.4 милиони продадени мали SUV, благодарение на нови модели од Volkswagen групацијата, PSA и Opel ќе биде надмината за околу 400.000 автомобили.

Во првите три месеци од оваа година, Volkswagen T-Roc, Citroen C3 Aircross (прочитајте го нашиот тест) и Opel Crossland X влегоа во Топ 10 рангирањето на шестто, седмо и осмо место, соодветно – и сите автомобили се продадоа во повеќе од 25.000 примероци. На третото место е новиот Dacia Duster кој е продаден во 46.571 примерок – а на самиот врв на ранг листата се Peugeot 2008 и Renault Captur. Пласман во Топ 10 за малку избегна новата Seat Arona која е веќе продадена во 17.696 примероци, а веднаш зад неа се Kia Stonic (прочитајте го нашиот тест) и Hyundai Kona.

„Производителите сакаат да го поплават пазарот“ – изјави Sammy Chan од LMC Automotive. Од таму додаваат дека очекуваат пазарот на овие автомобили да порасне од 2 милиони во 2019, на дури 2.3 милиони во 2022-рата година. Едноставно, имиџот на ваквите автомобили ги привлекува купувачите.

Растењето на продажбата во овој сегмент делумно го објаснува и константното претставување на нови модели. Volkswagen наскоро ќе го претстави долго-очекуваниот T-Cross, Skoda ќе претстави мал SUV базиран на Vision X концептот кој го покажаа во Женева, а Ford ќе влезе во сегментот со мал SUV базиран на Fiesta. Ова е важно – бидејќи Fiesta континуирано е еден од најпродаваните модели во Европа. Ford веќе има еден натпреварувач во овој сегмент – малиот EcoSport, чија продажба порасна за цели 29 проценти во првата четвртина од оваа година, и тој е на 9-тото место на ранг листата.

Желбата за лансирање повеќе вакви модели потекнува од нивната способност да генерираат профит за производителите. Felipe Munoz, аналитичар од JATO Dynamics кажува дека „главниот фактор е цената – тие се базирани на обични суб-компактни возила, но се продаваат по повисоки цени.“ JATO Dynamics тој аргумент го поддржуваат со нивна анализа која кажува дека во Германија еден мал хечбек просечно се продава по цена од 17.317 Евра, додека еден мал SUV со слични димензии по цена од 23.386 Евра.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.