full screen background image
Search

Женева 2018: Skoda Vision X – Најава за најмалиот SUV на чешкиот бренд

Концептот на Skoda не само што најавува нов, мал кросовер, туку истовремено може да користи три горива за погонување – бензин, струја и природен гас!


Експанзијата на Skoda продолжува со нов кросовер – најмалиот кросовер на чешкиот бренд е замислен да биде под Kodiaq и Karoq, а го најавуваат со новиот Vision X.

Според Skoda, Vision X е кросовер со „компактни пропорции и кристален екстериер“. Во суштина, дизајнерскиот јазик користен кај Karoq и Kodiaq е дополнително рафиниран и со соодветно затегнување на линиите е постигнат посвеж и подинамичен лик.

Од она што го знаеме, Vision X е навистина блиску до финалниот дизајн – па финалниот продукт не би требало да претрпи некои значителни измени. Она што најверојатно ќе биде изменето е дизајнот на LED предните светла, ќе бидат вратени конвенционалните рачки на вратите и некои други детали.

Она што е навистина интересно е погонот на Vision X – концептот на Skoda користи бензински мотор и електромотор – но бензинскиот мотор може да работи како на бензин, така и на природен гас. Според најавите, Vision X има емисија на CO2 од само 89 грама на изминат километар. Секако, Vision X носи и погон на сите четири тркала, но нема најави дали и серискиот модел ќе може да се нарача со истиот.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.