По долгогодишна пауза, Серијата 8 на BMW се враќа на сцената, и тоа со моќен турбодизел со 320 или уште помоќен V8 турбо-бензинец со 530 коњски сили!
Новото супер-секси купе на BMW на самиот старт ќе се нуди со два мотори, а понатаму ќе добиеме и моќна М-изведба, како и кабриолет. Ако сакате турбодизел ќе можете да го нарачате 840d xDrive кој доаѓа со 320 коњски сили и 680 Nm вртежен момент благодарение на 3-литарски линиски битурбо дизел мотор, доволно за „стотка“ за 4.9 секунди и максимални 250 километри на час.
Доколку сакате повеќе, тука е бензинскиот M850i xDrive кој доаѓа со 4.4-литарски битурбо V8 кој испорачува 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Вака опремено, големото баварско купе забрзува „до стотка“ за 3.7 секунди и постигнува 250 километри на час.
Серијата 8 стандардно ќе доаѓа со LED предни светла, а ако сакате ќе можете да добиете ласерски. За да се намали тежината купувачите ќе можат да нарачаат пакет кој вклучува многу делови изработени од CFRP (Carbon Fiber Reinforced Plastic), а карбонскиот пакет вклучува делови од системот „за дишење“, странични ретровизори, заден спојлер и заден дифузер изработени од CFRP.
Во кабината ќе ве пречека 10.3-инчен дигитален панел со инструменти, како и 12.3-инчен мултимедијален систем на централната конзола. Ќе може да се добие безжично полнење за мобилен уред, Bowers & Wilkins Diamond Surround аудио систем, стаклени прекинувачи и многу, многу други ситници. Новото луксузно купе ќе пристигне на пазарот во Ноември, а веќе се најавени и други варијанти, како и M-изведба. Сега за сега немаме детали кога би пристигнале – но ако бензинецот сега забрзува до 100 километри на час за 3.7 секунди, што останува за М-изведбата?