Jeep објави две фотографии од фејслифтираниот Renegade – и иако измените се дискретни, сепак доволно го освежуваат интересниот мини-SUV на американскиот бренд.
Дискретно-освежениот Jeep Renegade го доживеа своето деби на Торино Мотор Шоу. Измените вклучуваат нови предни светла, редизајниран преден браник, нови странични светла, редизајниран заден браник и редизајнирани задни светла со X-графика во средината.
Севкупно, измените му даваат понов и помодерен лик на малиот Renegade. Сега за сега нема фотографии од кабината, но знаеме дека ќе добие нов мултимедијален уред, а се навестуваат и нови материјали за седиштата и панелите на вратите.
Во моментов Jeep Renegade се нуди со 1.6-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 110 коњски сили, како и 1.4-литарски турбо-бензинец кој нуди 140 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, тука се 1.6-литарскиот и 2-литарскиот MultiJet кои нудат 120, односно 140 коњски сили.