full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 6 Sport Combi 2.2 Skyactiv-D Ultimate – За оние кои вистински ја ценат практичноста!

Караваните остануваат несекојдневен избор за нашите купувачи – а ние го одбравме токму претставникот на Mazda за да се обидеме да ги истакнеме сите предности на ваквите автомобили.

Да зборуваме за караваните…

Ајде да зборуваме малку за караваните. Во време кога популарноста на SUV моделите расте и расте, традиционалните (и според многумина, малку здодевните) каравани како да се исфрлени на маргините. Секако, можеме многу и многу да дискутираме зошто е тоа така, но ние остануваме на ставот дека караваните се многу, многу кул – и во вистинскиот свет, попрактични и покорисни од многу извикани SUV модели.

Да бидеме искрени, колку од купувачите кои купуваат SUV навистина го возат својот автомобил надвор од асфалтот и имаат вистинска потреба за повисокото растојание од подлогата? Сигурни сме дека процентот е многу, многу мал. Токму затоа се бориме со трендовите и сакаме да им помогнеме на македонските купувачи да ја разберат практичноста и привлечноста на караваните.

Уште при првиот контакт, впечатоците се позитивни!

Денес пред нас е Mazda 6 Wagon. Не ни е прв пат да поминеме неколку дена со караванската изведба на Mazda 6 – пред неколку години поминавме малку време со ваков караван, но со помалку опрема и друг мотор – па ова беше одлична шанса да се потсетиме на квалитетите на модерниот јапонски караван.

Уште при првиот контакт, впечатоците се мошне позитивни – Mazda 6 изгледа модерно, дури би рекле и скапо – особено во комбинацијата на бои на нашиот тестен модел. Ни се допаднаа како големите 19-инчни тркала, така и динамичната кровна линија и хромираните детали кои „го красат делото“. Навистина немаме замерки – да, неколку пати сме кажале дека црвената боја на Mazda е единствената боја во која треба да се продаваат автомобилите на јапонскиот бренд – но мораме да признаеме дека оваа темно-сива-кафена комбинација изгледа привлечно, некако… Аристократски!

Поврзано:   Пристигна освежената Mazda 6

Привлечна (иако можеби малку непрактична) бела кожа во кабината

Интересна е комбинацијата и во ентериерот – добивме кабина обвиена во бела кожа – која иако може да биде крајно непрактична, сепак изгледа модерно и привлечно. Секако, бидејќи се работи за Mazda, добиваме и прилично добри материјали во ентериерот, како и врвна завршна изработка.

Ергономијата е одлична, и освен можеби малку кратките „основи“ на седиштата – немаме замерки. Седењето е комфорно, прегледноста е одлична и сите команди се токму онаму каде очекуваме да бидат. Сепак, мора да имаме во предвид дека ова е голем автомобил и дека маневрирањето во градски услови може да биде малку проблематично, но овој проблем го решаваат камерите и сензорите за паркирање. Особено ни се допадна и стаклениот кров кој дозволува уште повеќе светлина да влезе во кабината.

Многу, многу багажен простор

Секако, караван не би бил караван доколку не е исклучитлено практичен – а тука Mazda 6 „бутка раменици“ со најдобрите. Отворете ја вратата од багажникот и ќе ве пречека карго-простор со правилна форма каде е лесно да се внесат и поголеми предмети. Со исправени задни седишта на располагање имате вкупно 522 литри багажен простор, а ако ги спуштите добивате дури 1648 литри капацитет на багажникот. Сето тоа значи дека ако треба да отидете некаде подалеку, ќе ви го собере сиот потребен багаж – а по потреба и велосипед или два, или нешто слично.

2.2-литарски SKYACTIV-D турбодизел, автоматски менувач и погон на сите четири тркала

Нашиот тестен автомобил беше придвижуван од добро-познатиот, 2.2-литарски SKYACTIV-D турбодизел на јапонскиот бренд. Во оваа конфигурација тој испорачува 175 коњски сили, а силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 6-степен автоматски менувач. Според официјалните податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае само 9.1 секунда, а максималната брзина е 209 километри на час.

Поврзано:   Mazda ја освежи малата MX-5 - сега има повеќе моќ за уште повеќе забава!

Мораме да зборуваме малку за Pro-Active AWD системот за погон на сите четири тркала. Pro-Active AWD е систем од најновата генерација на Mazda и всушност претставува електронски-контролиран систем за погон на сите четири тркала. Како и другите вакви системи, тој во реално време ја оценува потребата за погон на сите четири тркала и во нормални услови на возење, големиот караван е примарно со погон на предните тркала – во интерес на намалување на потрошувачката, секако. Но во оној момент системот ќе забележи дека е потребно да се активираат и задните тркала (а проверките се прават неколку стотици пати во секунда), тогаш до 50% од моќноста може да биде испорачана кон задните тркала.

Во реалноста, тоа значи максимално-неутрално управување, без особена наклонетост кон подуправување ниту код надуправување – едноставно, насочете ја Mazda 6 онаму каде сакате да оди, и таа послушно ќе ги изврши вашите наредби. Всушност, Mazda 6 продолжува да биде еден од најдинамичните и најдоверливите автомобили во својата класа – а тоа ја прави да биде еден од нашите омилени.

Вистинските познавачи и ценители на практичните автомобили верно купуваат каравани!

Со задоволство можеме да потврдиме дека впечатоците кои веќе ги имавме од Mazda 6 се повторуваат – ова е темелно модерен, динамичен, опремен и безбеден автомобил. Бидејќи тестираниот модел беше во Ultimate ниво на опрема, полесно би било да наведеме што недостасуваше од она што има… И на нашиот автомобил му недостасуваше… Не можеме да се сетиме на ништо, искрено.

Како што кажавме – караваните се кул, и треба да им биде дадена шанса. Тие не се популарни на нашиот пазар, но вистинските познавачи и ценители на практичните автомобили верно ги купуваат – верувајте, има и зошто, особено кога се зборува за тооолку добар претставник каква што е Mazda 6!

Поврзано:   Пристигна освежената Mazda 6

Спецификации

  • Мотор: 2.2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 175 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 420 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 6 брзини
  • Максимална брзина: 209 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.1 секунди
  • Должина: 4800 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1480 mm
  • Тежина: 1656 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2750 mm
  • Багажен простор: 522 – 1648 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.4 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Mazda 6 2.2 Sport Combi SKYACTIV-D 150 i-Eloop Revolution – 34.980 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Mazda 6 2.2 Sport Combi SKYACTIV-D 175 i-Eloop AWD AUTO – 42.180 Евра

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.