Премиера: Porsche Cayenne сега се нуди и како 462-коњски Plug-in хибрид! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Porsche Cayenne сега се нуди и како 462-коњски Plug-in хибрид!

Новиот Porsche Cayenne E-Hybrid ќе започне да се продава на европските пазари кон крајот на овој месец – и се очекува токму хибридната изведба да биде најпопуларната во гамата на Cayenne.

Хибридниот Cayenne комбинира 3-литарски V6 турбо-бензинец кој испорачува 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, кој соработува со литиум-јонски батериски модул со капацитет од 14.1 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 136 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, за вкупна системска моќност од 462 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Резултатите од тоа се импресивни – 100 километри на час се постигнуваат за само 5 секунди, а максималната брзина е 253 километри на час.

Покрај тоа, со едно полнење Cayenne E-Hybrid ќе може да помине до 44 километри само на електрична енергија, и тоа при брзини до 135 километри на час. Интересно е што просечната потрошувачка (според NEDC) е само 3.4 литри на 100 изминати километри.

Новиот Cayenne E-Hybrid користи технологии кои доаѓаат од 918 Spyder – а тоа значи дека моќта од електромоторот е достапна во сите режими на возење кои се достапни со Sport Chrono системот – во „обичните“ режими се преферира намалување на потрошувачката, додека кај Sport и Sport Plus режимите се цели кон максимална моќност на системот.

Визуелните измени не се драстични – на екстериерот ќе препознаете детали во неонски-зелена боја, како и клешти на сопирачките во истата забележлива нијанса. Кабината исто така добива зелени детали, нови „страници“ во инфозабавниот систем, и уште неколку ситници. Интересно – токму со новиот Cayenne E-Hybrid во понудата додава седишта со вграден систем за масажа, како и за прв пат – можноста кај едно Porsche да бидат нарачани 22-инчни тркала.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Porsche го претстави целосно-новиот, целосно-електричен Macan!

Новиот Porsche Cayenne E-Hybrid е веќе достапен за нарачка.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.