Инженерите на Bosch најдоа решение за NOx проблемот на дизелот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Инженерите на Bosch најдоа решение за NOx проблемот на дизелот!

Инженерите на Bosch тукушто се пофалија дека дошле до решение на проблемот со емисијата на NOx кај дизел моторите – и дека со тоа несомнено го продолжуваат животот на ваквите мотори.

Според Bosch, дизел моторите имаат иднина. Пред само неколку дена, германската компанија објави дека е постигнат значителен чекор напред во намалувањето на емисијата на штетни гасови кај дизел моторите – и тоа со комбнирање на постоечки технологии. Всушност, луѓето од Bosch кажуваат дека постигнатите резултати значат екстремно ниска емисија на опасните NOx гасови – според Bosch, емисијата на NOx може да е и десеткратно пониска од максимумот кој го дефинираат европските закони.

Решението кое Bosch го нуди вклучува оптимизирање на неколку различни сегменти и чекори. За почеток, моторите се намалуваат од 2 литри на 1.7 литри, а турбополначот кој се користи е прилагоден да е пореспонзивен – со ова се подобрува вртежниот момент на пониски вртежи. Дополнително се работи на третман на издувните гасови, со цел побрзо да се постигне температура во катализаторот. Интересно е што моторот треба да одржи високи температури на издувните гасови (околу 200° Целзиусови) за катализаторот секогаш да биде во рамките на оптималните температури. Дополнително, софтверот кој управува со моторот примарно е оптимизиран за ниска потрошувачка и ниски нивоа на NOx.

Новите системи веќе се тестираат во реални услови, и во такви мерења се измерени екстремно ниски вредности – дури и до само 13 mg NOx на изминат километар. Некои медиуми кои имаа можност самите да се уверат во ниската емисија на штетни гасови кажуваат дека со системот вграден во Volkswagen Golf GTD – и според нивните мерења сега просекот е само 40 mg на изминат километар.

Ова е особено важно ако земеме во предвид дека според европските закони, автомобилите денес во комбинирани услови не смеат да исфрлаат повеќе од 168 милиграми NOx на изминат километар, а веќе од 2020 тој лимит ќе биде намален на 120 милиграми.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.