Премиера: Mercedes-Benz A-Class Sedan LWB претставен во Кина – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-Benz A-Class Sedan LWB претставен во Кина

Како што и очекувавме, Mercedes-Benz полека но сигурно ја зголемува гамата модели од A-Class фамилијата – па втората варијанта која тукушто беше претставена е седан-изведбата, и тоа верзијата со продолжено меѓуоскино растојание.

Поставен врз основа на платформата на новата A-Class, Sedan верзијата изгледа прикладно и пропорционално. Најверојатно ќе добиеме и нова верзија на купе-седанот CLA, но токму седан-изведбата се очекува да биде најинтересна – особено каде вакви автомобили се сè уште популарни. Предниот дел е идентичен со A-Class, но од средниот столб па натаму работите се различни.

Она со кое A-Class Sedan може да се гордее е багажниот простор – багажникот може да „проголта“ дури 420 литри – повеќе од респектабилни бројки со оглед на класата во која припаѓа. Ентериерот е помалку или повеќе директно преземен од хечбекот, но меѓуоскиното растојание е цели 60 милиметри подолго. Сега за сега не се познати моторите кои ќе се нудат, но очекуваме дека купувачите ќе ги добијат истите турбо-бензински и турбодизел мотори кои се нудат и кај хечбекот, а понатаму би требало да добиеме и хибридна верзија.

Верзијата на A-Class Sedan со стандардно меѓуоскино растојание ќе биде претставена во текот на оваа година, па тогаш ќе ги имаме сите информации. Продажбата би требало да започне до крајот на оваа година, односно на почетокот на следната.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.