Премиера: Toyota го претстави новиот робустен, модерен RAV4! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Toyota го претстави новиот робустен, модерен RAV4!

Моделот со кој започна кросовер револуцијата пред скоро 25 години влезе во својата најнова, петта генерација – а со неа доаѓа и нов, робустен и впечатлив дизајн, како и грст нови технологии!

Пораката на Toyota е повеќе од очигледна – сакаат да се „вратат“ кон  корените, односно кон првиот модел, кој токму заради привлечниот дизајн го постигна она што го постигна. И веднаш е јасно – Rav4 нема да го помешате со моделот од тековната генерација, ниту пак со некој друг модел. Новиот автомобил изгледа како да е „исклесан“ – и токму затоа ќе се издвојува од директните конкуренти.

Силните линии и впечатливите детали се само мал дел од новитетите – ќе добиеме и LED предни светла, гооолема маска на ладилникот и аглест заден дел кој успешно ја крие SUV формата и нуди скоро купеовски лик кој дефинитивно асоцира на моделот NX од луксузниот бренд на Toyota – Lexus.

Слична приказна за робустност продолжува и во кабината – ентериерот е целосно нов и дефинитивно помодерен од досегашниот. На централната конзола доминира големиот мултимедијален уред, а веднаш под него се поставени засебни контроли за клима уредот. Ни се допаѓа и големата рачка од менувачот – кабината (како што и очекувавме) делува практична, корисна и комфорна. Со оглед на тоа дека новиот RAV4 е понизок, поширок и нијанса пократок од својот претходник, очекуваме и дарежлива просторна понуда.

Сега за сега Toyota објави детали за две погонски единици – едниот мотор е 2.5-литарски атмосферски бензинец, а втората варијанта е веќе добро-познатата хибридна комбинација која комбинира 2.5-литарски бензинец со електромотор и CVT менувач. Не се објавени податоци околу перформансите, но очекуваме освежениот хибриден погон да понуди интересни бројки.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Новата Toyota RAV4 се очекува да пристигне на европскиот пазар на почетокот на следната година. Во меѓувреме, прочитајте го нашиот тест на тековниот модел – и тоа во хибридна изведба.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.