Првиот хот-хеч на Hyundai – новиот i 30 N – наскоро ќе може да се нарача со автоматски менувач со двојна спојка.
Сега за сега, Hyundai i30 N може да се добие само со шест-степен мануелен менувач – како во нормалната, така и во Performance Package изведбата. Сепак, инженерите од Hyundai одлучиле дека во понудата треба да се најде и автоматски менувач со двојна спојка, со цел да го направи корејскиот хот-хеч уште попривлечен за купувачите.
Според Hyundai, одлуката е направена токму заради тоа – вистинските пуристи повторно ќе го нарачаат i30 N со мануелен менувач, но токму автоматскиот менувач би требало да го направи i30 N привлечен за поширока група на клиенти – а и трендовите меѓу купувачите изминатите неколку години го сугерираат токму тоа.
Hyundai веќе има свој 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка кој го вградува во Veloster, i40 и Tucson, па најверојатно токму овој менувач (или некоја зајакната варијанта од него) ќе се најде во спортскиот i30. Дополнително, би очекувале автоматскиот менувач позитивно да влијае и на перформансите на i30 N, кој веќе забрзува до 100 километри на час за 6.4, односно 6.1 секунда.
Не се знае колкава би била доплатата за автоматски менувач во i30 N кога опцијата ќе стане достапна – но веќе е најавено дека DCT менувачот ќе стане дел од понудата во 2019.